Корубин – Тргување со знаење

Колумна на Никица Корубин

Која е цената на знаењето во еден анти-систем како нашиот? Во лукративно-калкулантска средина, се има своја цена, бидејќи така функционира менталниот склоп, особено менталниот склоп на оние кои влегуваат во политика, односно ја сочинуваат самата партократија. И притоа под ,,знаење,, не се подразбира функционирањето на институциите на системот pes se туку како тие институции, нивното знаење и особено знаењето на поединците да биде искористено. Намерно не го употребувам терминот ,,злоупотребено,,, бидејќи се прави ,,при здрава свест,, и со дозвола на сопственикот. Се разбира и за одредена цена. Па, која е цената на знаењето во функција на партијата?

За што се користи знаењето кај нас? Знаењето може да биде од било која сфера, а исто така може да дојде и во било која форма. Она што е клучно во целиот процес, односно релација нарачател-испорачувач, е колку тоа знаење или таа личност е моментално од корист за некоја замисла на партијата/партократијата маскирана во формална власт. Па, така имаме цел дијапазон на ,,знаење,, кое се појавува во јавниот дискурс, односно медиумскиот простор во различни улоги: тоа може да биде професор, не е битна елоквенцијата и интелектот, доволно завршува работа и титулата; тоа може да биде лекар, неговото знаење е особено податливо, особено во време на здравствена криза; тоа може да биде новинар, посебно ако е реномиран и популарен; тоа може да биде поранешен функционер, кој ги знае ,,од близу и од внатре,, состојбите во партиите; тоа може да биде аналитичар, особено ако е ,,избран и пратен,, од семоќната партократија. Видливо отсуствуваат уметници, интелектуалци, слободумни и анонимни. Срамежливо се провлекуваат ,,лајф коучи,, инфлуенсери,, и останати репрезенти на новото време на брзото и лесно (квази) знаење, кои всушност совршено би се вклопиле во есенцијалната површност на партиите/партократијата. Ова е знаењето кое има дозвола да биде во јавниот дискурс и простор. А, за што служи и која е неговата намена?

Пред да преминеме на намената, да се вратиме на цената. Која е цената, поради која, луѓето свесно го отстапуваат, го селектираат и го извртуваат своето знаење, за да реализираат нечија цел? Поради која цена лажат и манипулираат? Поради што тактизираат и насочуваат? Кој е тој порив, отсуство на морал и етика, недостаток на колективна перспектива, за сопственото влијание и знаење, го продадат евтино, свесни за сеопштата штета што ја прават? Личниот интерес, кариера, комотен живот, хедонизам, признание од средината, докажување пред другите? ,,Прв во село,, тоа ли е ултимативниот мотив? Исполнетоста да се биде блиску до врвот, до ,,шефот,, до главните? ,,Пет минути слава,,? Кои да се мотивите, тие се лесни и приземни. И се второстепени. Производ на девастирана средина, разграден правен систем, отсуство на систем на вредности и непостоечки идеал. Тие се резултат на целосен распад, во кој секој граба што ќе стигне. Анти-систем. Мимикрија на систем, свесно граден привид со правила, а всушност со правила на посилниот. А, посилниот е секогаш ист.

Газдата и господарот се тие кои го креираат процесот, атмосферата и правилата. И ним им требаат токму тие и такви кои ставаат цена на своето знаење. А, кога на човекот еднаш ќе му ставиш цена, тогаш тој станува стока. Стока за тргување. И тоа тргување успешно трае 30 години, наша независност како држава. Некој е газда, некој е трговец, некој е стока. Повеќето од нас се публика. Во лошо режираниот театар на апсурдот. И во тој театар, публиката секогаш бара идентификација, со некој ,,херој,, со некој идеал? Кој е ,,идеалот,, со кој било кој, може да се идентификува во овој евтин филм, наречен наша реалност?

Да се вратиме на намената на тргувањето со знаењето. Намената е исто така приземна и брутална. А, тоа е власт. Гола власт. Техники и механизми на одржување на власта. Креирање на јавното мислење. Оние кои произлегле од партиите, а тоа е власта кај нас, знаат да ,,владеат,, само преку монтирани и строго контролирани процеси. Мора се однапред да се знае. Не смее да постои неизвесност, процес, влијание од страна. Само со присила и во мали колични, колку да се каже ,,ги слушаме граѓаните,,. Од исходот и текот на некоја седница на било кој орган во партијата, до исходот и текот на било кој процес во државата. Бидејќи државата, за нив, е само параван на вистинската власт, партијата, нивното однесување и поведение во партијата е сржта на ,,владеењето,, со државата. Но, бидејќи во државата има и граѓани кои не се партиски членови, на кои не може директно да се применат механизмите на партијата, се применуваат механизмите на пропагандата. Односно, креирањето на јавното мислење. Ако не верувате, погледнете ги гостите во дебатните емисии, слушнете ги темите, следете ги пораките и ќе ја дознаете вистината. Нивната вистина. Исти луѓе, исти професори, исти експерти. Исти пораки, исти хистерии, исти стравови. Не знам дали се и цените исти. Така некако во пракса, изгледа тргувањето со знаењето. А, така изгледа и (зло)употребата на истото знаење. Бугарија е виновникот? Нема проблем, дајте неколку интервјуа, гости, неколку колумни, хистерија низ социјалните мрежи. Идентитетот ни е загрозен? Нова тура ,,нарачани,, и ,,испорачани,, стручни мислења и експертизи. Има пресврт? Нема проблем. Секако помнењето на публиката трае кратко, ,,секое чудо за три дена,, ќе заборават кој што кажал, кој што излажал, и кој што нарачал. Важно работите се држат под контрола. Тоа што контролата изгледа токму вака апатично и безнадежно, не се секирајте ,,секаде е криза,,. Само не кај трговците со знаење, кај нив секогаш е добро. Па, некој во вакво девастирано општество мора да биде и професор, и амбасадор, и министер, и директор, и пак одново … ,,кој за што учел,, кој за што е избран,, кој за што е платен,,.

Значи која е целта на знаењето? Во нормалниот свет и во системот на вредности, кој секој индивидуално, очајно се обидува да го оддржи, целта е подобро за сите. Иако е строго индивидулно, знаење кое не може да се примени за другите е бесполезно. Тоа постои за другите, тоа постои за да просветлува и исполнува. Да создава и да го создава духот на времето. Токму она време кое упорно ни го одземаат. И тие што не можат да владеат сами, и тие што им помагаат да владеат токму на ваков брутален, примитивен и површен начин. Наоѓајќи утеха и оправдание во ,,само еден живот имаме,,. Па, сите тој еден го имаме, ама за разлика од повеќето, некои со своите лукративно, себични и поданички постапки, го одредуваат животот на сите останати. Но, на крајот сепак средината ги продуцира и поединците. Затоа секогаш одговорноста оди нагоре, а соучеснштвото надоле. Кога оваа пеколна хармонија ќе се разбие, ќе остане само пустош. Ништо. Ќе остане светот на просечните кои создаваат живот и средина по нивна мерка. Стравот од сопственото незнаење го купуваат со желбата за контрола над сите нас. Но, во историјата нема такво незнаење што не упропастило се’, и такво знаење што одново не почнало да исправа. Историјата е циклус, ниту сте (сме)први, ниту сте последни. Секогаш е попаметно да се учи, отколку да се купи наученото. Кој знае ќе разбере, кој не знае, не ни требало да биде во позиција да разбере.