
(ВИДЕО) Разговори со Огнен Огненоски, Весна Јаневска и Љупчо Јаневски
➡Тројца соговорници во денешното издание на „Трилинг“ - Огнен Огненоски, извршен директор Таргет груп и Бизнис мрежа, Весна Јаневска, министерка за образование и наука и Љупчо Јаневски, поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Тројца соговорници во денешното издание на „Трилинг“ – Огнен Огненоски, извршен директор Таргет груп Бизнис мрежа, Весна Јаневска, министерка за образование и наука и Љупчо Јаневски, поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

„Бонитетот претставува едно олицетворение на статусот и на кредибилитетот, но и на состојбата на една компанија во каква финансиска состојба се наоѓа, каква општествена улога игра во самата околина, но и се зема предвид морето во коешто плива, односно во каква дејност функционира и ја обавува својата работа. Така што, во кратки зборови, ако крвната слика ни кажува какво е нашето здравје, бонитетниот извештај кажува какво е здравјето, финансиската состојба на една компанија“, изјави во „Трилинг“ Огнен Огненоски, извршен директор на Таргет груп Бизнис мрежа.

Огненоски смета дека идејата беше капитал до пред неколку декади и е уверен дека идејата повеќе не е капитал во едно општество.
„Идејата е еден никулец од каде што треба да се развива било кој бизнис, но многу други вештини и способности се пред се важни. Самата наша мрежа на опкружување прави да сме тоа коишто сме. Стотици и илјадници идеи имаме сите како индивидуи, но реализацијата е таа која што е главна и пресудна за една идеја да види бел ден“.
За тоа колку владините проекции дека сме петта земја по раст на БДП се издржани и се базираат исклучиво на статистички податоци, а не врз паушални, шпекулативни податоци, Огненоски вели дека точни се податоците, но и дека има повеќе нивоа на интерпретација на одредени информации.
„Важно е оние коишто ги даваат во оптек податоците, да ја имаат целата перспектива и целата димензија за читателот или оној кој ги гледа да може да ги разбере. Ако јас имам 100.000 евра приходи и мојот конкурент има милион евра приходи, растот од 3% кај мене и него не е еднаков во апсолутна вредност. Јас би пораснал 30.000 евра, он би пораснал 300.000 евра. Така и со македонската држава. Нашето ниво на развој е доста пониско во однос на европскиот развој. Така што од нас се очекува да растеме многу побрзо во просек од европската економија. Но за жал тој апсолутен раст е многу помал во однос на европските вредности на просек.
-3%, 3.5% просечен раст на нашата економија би требало да се повторува триесетина години за да стигнеме некаква европска средина. Европа доколку порасне 1%, ние треба да пораснеме многу повеќекратно повеќе од тој 1% европски просек, за да може да кажеме дека го стигнуваме тој европски просек. Инаку точна е констатацијата – петта земја по ред со статистички најголем раст, но тој раст во апсолутен износ е за жал еден од помалите во Европа“, вели Огненоски.

„Јас лично сметам дека 7 плус проценти се доволни за да имаме некакво видливо придвижување за обичниот граѓанин, за граѓанинот кој што ја создава таа бруто домашна вредност во државата. Според мене просекот од 5-6% не е видлив во секојдневието, бидејќи граѓанинот ефектот ќе го види после 4-5 години со раст барем минимум од 7% БДП“, вели Огненоски.
Околу задолженоста на државата, и колку денеска таа претставува проблем, Огненоски смета дека таа е една од клучните една компанија да биде ликвидна.

„Познавањето на секој јазик, вклучувајќи го и албанскиот е богатство на една личност, и колку повеќе јазици знаеме, толку сме и побогати. Па оттука и албанскиот е богатство како и секој друг јазик, изјави во „Трилинг“, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, околу тоа дали познавањето на албански јазик е хендикеп или предност во менаџирањето на Министерството.

Прашана како гледа на барањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик, и дали тоа е легитимно барање, министерката вели дека Македонија има еден службен јазик на целата територија.
„Бидејќи станува збор за судии, адвокати, коишто ќе судат луѓе од секаков етникум или ќе работат со луѓе од секаков етникум, сметам дека е добро и треба да го познаваат македонскиот јазик. Дополнително и другиот мој став, исто така познат во јавноста, е дека апсолутно како личност не се согласувам со јазичната сегрегација на нашите најмлади луѓе која се случува од најниско ниво, од градинка, до завршување на факултет, постдипломски и докторски студии, што дефакто ги разделува младите, и не само младите, го разделува населението. Сметам дека имаме многу заеднички нешта, но она што е најважно имаме една единствена заедничка држава, во која ние рамноправно и со почитување треба да живееме“, вели Јаневска.
Говорејќи за податокот дека во 2024-та година УКИМ бил рангиран на 1990 место од над 20000 институции, што тогаш се толкувало како позиција на граница на видливост, и дали отсуството на УКИМ всушност испраќа порака за неквалитетот на високото образование, за некадарноста на професорите, па и до степен на недоволно познавање на материјата и предавањето кон студентите, Јаневска смета дека квалитетот може да биде подобар.
„Секако дека не можеме да бидеме задоволни од местото на кое се наоѓа УКИМ, односно го нема на ранг листите, таму каде што би требало да биде и посакуваме да биде, и секако дека на ова силно влијание имаше промената на Законот за високо образование од 2018-та година, кога претходно постоечките критериуми за избор во звања беа укинати.
„Воведувањето повторно на одреден број на критериуми за избор на звања ќе го поткрене квалитетот на факултетот, ќе ја зголеми научно-истражувачката работа на факултетите или универзитетите. На тој начин и образовниот систем ќе стане подобар, затоа што вие не може да образувате млади кадри, а да не знаете што е ново во светот. И оттука очекувам полека, со тек на време, во некоја релативно блиска иднина, да речеме за 4-5 години, ние драстично да почнеме да се покачуваме на ранг листите“, смета Јаневска.

Министерката е убедена дека новиот Закон за високо образование ќе стимулира и ќе придонесе во подобрување на имиџот и сликата на државниот универзитет, доколку тој се имплементира како што треба, иако дел од професорите имаа низа на реакции во однос на новиот Закон.

„Туризмот веќе се гледа не само како економска гранка, туку и како одредена област, бидејќи тој влијае на повеќе од 21 директно или индиректно, економски гранки. Знаеме дека низ годините имаше одредени турбуленции, пред сѐ 2020 година кога ја имавме корона кризата, и на светско ниво видовме колку е порозен, колку е осетлив самиот туризам и кризите кои настанаа после тоа.
-Некако 2026-та година како година ќе биде многу предизвикувачка во туристичката индустрија, пред сѐ поради конфликтот на Блискиот Исток, губењето на одредени дестинации, но туристичките текови не престануваат, туку тие се прелеваат од една на друга дестинација. Европа ќе добие од туристичка гледна точка, пред сѐ медитеранските земји, исто така Балканот за сите тие коишто се доволно зрели за да постават еден кризен менаџмент којшто ќе влијае и ќе функционира токму во вакви услови“, изјави во „Трилинг“ поранешниот директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

На прашањето што нуди Македонија како автентична дестинација, во услови на се поразвиена и се поразновидна понуда на светските дестинации, Јаневски вели дека Македонија и според него и според голем број на туроператори и туристи е последната неоткриена дестинација во Европа.
„Но како ќе ја откријат зависи од нас. Имаме многу што да работиме. Треба да ја поставиме структурата, бидејќи Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот не е во функција веќе скоро година дена, сметам дека одредени алатки коишто беа во Агенцијата не се употребуваат, односно дигиталниот маркетинг е на многу ниско ниво“, вели Јаневски.
Околу статистичките податоци дека за три месеци кај нас имало едвај 50.000 посетители од странство и како да излеземе од онаа матрица на сезонска промоција на државата, а не во текот на целата година, Јаневски вели дека е загрижен затоа што последните 2-3 години покажаа дека имаме многу краток пик на сезоната.
„Таа сезона треба да започнува во нашите туристички места од мај и да завршува длабоко во октомври. Тоа се трудевме да го работиме преку Охридскиот Аеродром преку чартер летовите на традиционалните наши туроператори. „За жал туроператорите веќе дестинацијата не ја сметаат за доволно атрактивна, и ги пренасочија своите операции во Албанија, а Македонија ја нудат како дестинација на една или две вечери“, вели Љупчо Јаневски, поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Погледнете го целото издание на „Трилинг“