(ВИДЕО) Јаневски: Македонскиот туризам ја губи конкурентноста со регионот
➡Корона-кризата од 2020 година покажа колку е порозен и чувствителен светскиот туризам на надворешни шокови. ➡Годинава (2026) носи големи предизвици поради конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, патувањата не престануваат, туку се прелеваат. Од оваа ситуација економски ќе профитираат Европа (медитеранските земји) и Балканот, но само ако имаат поставен ефикасен кризен менаџмент. ➡Странските туроператори веќе не ја гледаат Македонија како примарна или доволно атрактивна дестинација. ➡Наместо целосен престој, странските агенции сега ја нудат Македонија како транзитна дестинација за само една или две вечери. ➡Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот не е во функција веќе речиси една година. Алатките за промоција не се користат, а дигиталниот маркетинг на државата е на исклучително ниско ниво. ➡ Македонија се смета за „последната неоткриена дестинација во Европа“, но без интегриран пристап, промоција на искуства и институции кои ги спроведуваат политиките до најниско ниво, се создава вакуум простор без економски ефекти, смета Јаневски.
„Туризмот веќе се гледа не само како економска гранка, туку и како одредена област, бидејќи тој влијае на повеќе од 21 директно или индиректно, економски гранки. Знаеме дека низ годините имаше одредени турбуленции, пред сѐ 2020 година кога ја имавме корона кризата, и на светско ниво видовме колку е порозен, колку е осетлив самиот туризам и кризите кои настанаа после тоа.
-Некако 2026-та година како година ќе биде многу предизвикувачка во туристичката индустрија, пред сѐ поради конфликтот на Блискиот Исток, губењето на одредени дестинации, но туристичките текови не престануваат, туку тие се прелеваат од една на друга дестинација. Европа ќе добие од туристичка гледна точка, пред сѐ медитеранските земји, исто така Балканот за сите тие коишто се доволно зрели за да постават еден кризен менаџмент којшто ќе влијае и ќе функционира токму во вакви услови“, изјави во „Трилинг“ поранешниот директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Говорејќи за податокот дека лани Македонија регистрирала 1,4 милиони туристи и дали очекува дека оваа година, а и наредните години, државата да биде примамлива дестинација за странските туристи, Јаневски смета дека и до сега е доста работено на тоа поле.
„Ако погледнеме, 2011-та година, кога туризмот е 0,1% во БДП, во 2017-2018, некаде 1,4 – 1,5%, веќе 2023-та година 4,3-4,4%. Всушност и во овој момент според Светската туристичка организација во туристичката индустрија кај нас, во Македонија, се вработени директно или индиректно, околу 30.000 до 34.000 луѓе, или 4,5 до 4,7% од вкупниот број на вработени во државата. По тоа ќе видиме колку е сериозен туристичкиот сектор во Македонија и туристичката индустрија генерално.
-Во 2023-та година во македонската економија туризмот учествувал со околу 600 милиони долари девизен промет. Тоа е една бројка којашто доста ветува. 2024-та и 2025-та година имавме намалување на домашните туристи, поради состојби коишто сметам дека како дестинација стануваме недоволно конкурентни спрема регионот, но оваа година треба да се вратиме на одредени бројки со растот на домашните туристи на 2024-та година, а да забележиме сериозен раст на странските туристи“, вели Јаневски.

Прашан кога може да очекуваме приходи од една милијарда евра, Јаневски вели дека „ако поставиме структура во туристичката индустрија, доколку го сметаме туризмот како економска гранка од еден до петте столбови на македонската економија, и доколку доволно работиме, имаме стручни, елоквентни лица на вистинските места, тогаш успехот е предност“.
-Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот 2022-2023-та година ги надмина своите ингеренции, работеше со оперативни планови и со стратешко планирање на среден рок од една до три години, бидејќи во тој момент било која стратегија на државата не можеше да функционира во состојба во каква што бевме. За жал буџетите беа скромни, многу мали, затоа што туризмот не беше приоритетна економска гранка заради случувањата со енергетската криза, дополнително со одредени други ценовни кризи и заштитата на тогашната економија.
-Според овој буџет којшто можеме да го видиме, којшто е одвоен од Министерството за култура и туризам, веќе имаме рекордни буџети за промоција од отприлика околу 30 милиони денари и рекорден број на одвоени средства за субвенции од околу 150 милиони денари. Кога ги гледаме тие бројки, ќе видиме дека македонската туристичка индустрија во моментов е фокусирана повеќе на странски туроператори коишто носат субвенционирани странски гости.
-2025-та година недоволно се фокусиравме на домашниот пазар, бидејќи тие ни се евтини, домашни гости, и според одредени истражувања, само во соседните земји, македонските туристи генерираат помеѓу 400 и 500 милиони евра промет, односно за толку сме ние како дестинација посиромашни“, вели Јаневски.

На прашањето што нуди Македонија како автентична дестинација, во услови на се поразвиена и се поразновидна понуда на светските дестинации, Јаневски вели дека Македонија и според него и според голем број на туроператори и туристи е последната неоткриена дестинација во Европа.
„Но како ќе ја откријат зависи од нас. Имаме многу што да работиме. Треба да ја поставиме структурата, бидејќи Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот не е во функција веќе скоро година дена, сметам дека одредени алатки коишто беа во Агенцијата не се употребуваат, односно дигиталниот маркетинг е на многу ниско ниво.
-Потребен ни е интегриран пристап во нашата промоција. Треба да ги промовираме искуствата коишто ни се потребни. Но доколку немаме институции коишто ги имплементираат стратегиите и државните политики до најниско ниво, тогаш ќе имаме одреден вакуум простор, којшто нема да ги даде потребните ефекти“, вели Јаневски.
Околу статистичките податоци дека за три месеци кај нас имало едвај 50.000 посетители од странство и како да излеземе од онаа матрица на сезонска промоција на државата, а не во текот на целата година, Јаневски вели дека е загрижен затоа што последните 2-3 години покажаа дека имаме многу краток пик на сезоната.
„Таа сезона треба да започнува во нашите туристички места од мај и да завршува длабоко во октомври. Тоа се трудевме да го работиме преку Охридскиот Аеродром преку чартер летовите на традиционалните наши туроператори. „За жал туроператорите веќе дестинацијата не ја сметаат за доволно атрактивна, и ги пренасочија своите операции во Албанија, а Македонија ја нудат како дестинација на една или две вечери“, вели Љупчо Јаневски, поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Целото интервју погледнете го во видеото.