(ВИДЕО) Јаневска: Со новиот закон за високо образование УКИМ ќе биде етаблиран и докажан
➡Познавањето на секој јазик е лично богатство, но Македонија има еден службен јазик на целата територија. ➡УКИМ го нема на престижните ранг-листи, што е директна последица на укинувањето на критериумите за избор во наставни звања со Законот за високо образование од 2018 година. ➡Со новиот Закон се враќаат мерливи и строги критериуми за избор на звања. Тоа ќе ги натера професорите повеќе да се занимаваат со научно-истражувачка работа, што за 4 до 5 години драстично ќе го крене квалитетот и видливоста на УКИМ. ➡Корупцијата и клиентелизмот не се само празни зборови – веќе има поништени дипломи, откриени фалсификати, затворени институти. ➡По успешниот модел на дуално образование во средните училишта (каде учениците учат преку пракса во компании и веднаш се вработуваат), новиот Закон го стимулира овој модел и на факултетите, без да се наруши нивната автономија. ➡ Главната улога на универзитетот не е само слепо да произведува кадар како „продукт за пазарот на труд“, туку има многу поголемо општествено значење. ➡ Поради акутниот недостаток на кадар во одредени дејности, Македонија веројатно ќе мора да увезува работна сила како преодно решение, сè додека државата не се консолидира преку новите демографски стратегии да ги задржи младите дома, смета Јаневска.
„Познавањето на секој јазик, вклучувајќи го и албанскиот е богатство на една личност, и колку повеќе јазици знаеме, толку сме и побогати. Па оттука и албанскиот е богатство како и секој друг јазик, изјави во „Трилинг“, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, околу тоа дали познавањето на албански јазик е хендикеп или предност во менаџирањето на Министерството.

Прашана како гледа на барањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик, и дали тоа е легитимно барање, министерката вели дека Македонија има еден службен јазик на целата територија.
„Бидејќи станува збор за судии, адвокати, коишто ќе судат луѓе од секаков етникум или ќе работат со луѓе од секаков етникум, сметам дека е добро и треба да го познаваат македонскиот јазик. Дополнително и другиот мој став, исто така познат во јавноста, е дека апсолутно како личност не се согласувам со јазичната сегрегација на нашите најмлади луѓе која се случува од најниско ниво, од градинка, до завршување на факултет, постдипломски и докторски студии, што дефакто ги разделува младите, и не само младите, го разделува населението. Сметам дека имаме многу заеднички нешта, но она што е најважно имаме една единствена заедничка држава, во која ние рамноправно и со почитување треба да живееме“, вели Јаневска.
Говорејќи за податокот дека во 2024-та година УКИМ бил рангиран на 1990 место од над 20000 институции, што тогаш се толкувало како позиција на граница на видливост, и дали отсуството на УКИМ всушност испраќа порака за неквалитетот на високото образование, за некадарноста на професорите, па и до степен на недоволно познавање на материјата и предавањето кон студентите, Јаневска смета дека квалитетот може да биде подобар.
„Секако дека не можеме да бидеме задоволни од местото на кое се наоѓа УКИМ, односно го нема на ранг листите, таму каде што би требало да биде и посакуваме да биде, и секако дека на ова силно влијание имаше промената на Законот за високо образование од 2018-та година, кога претходно постоечките критериуми за избор во звања беа укинати.
-Па можеби ќе се сетите дека кога беше донесен Законот 2008-та, каде што се бараа критериуми, почна полека УКИМ да се поткрева и стигна до 1990 место, но кога се укинаа критериумите за избор на звања, повторно УКИМ почна да паѓа и сметам дека тоа е јасно видливо и нема што да се дискутира дека такви критериуми се неопходни.
-Воведувањето повторно на одреден број на критериуми за избор на звања ќе го поткрене квалитетот на факултетот, ќе ја зголеми научно-истражувачката работа на факултетите или универзитетите. На тој начин и образовниот систем ќе стане подобар, затоа што вие не може да образувате млади кадри, а да не знаете што е ново во светот. И оттука очекувам полека, со тек на време, во некоја релативно блиска иднина, да речеме за 4-5 години, ние драстично да почнеме да се покачуваме на ранг листите“, смета Јаневска.

Министерката е убедена дека новиот Закон за високо образование ќе стимулира и ќе придонесе во подобрување на имиџот и сликата на државниот универзитет, доколку тој се имплементира како што треба, иако дел од професорите имаа низа на реакции во однос на новиот Закон.
„Јас би рекла дека одредена група на дел од академскиот кадар постојано се држеше за одредени одредби на Законот, од кои најголем проблем беа токму критериумите за избор во звање. Тие се повторуваа на сите јавни дебати, и не кај сите вклучени во дебатите. Имаше огромен број на луѓе кои го велат ова што и јас сега го презентирав – дека да, ние треба да го поткренеме квалитетот, треба да воведеме мерлив систем за избор во звања, и да тоа секако ќе ги поткрене сите наши универзитети на едно повисоко ниво, и ќе ги направи видливи во светот. Затоа што ние можеме и да бидеме добри во нешто, но ако не сме видливи, ако не не препознаваат, џабе и се трудиме, остануваме изолирани.
-Јас сум длабоко убедена дека ова законско решение е добро и за неколку години јавноста ќе види дека е добро“, вели Јаневска.

Говорејќи за евентуалната инфицираност на македонското образование од корупција, непотизам и клиентелизам, министерката вели дека тоа се претежно вербално искажани обвинувања, но има и други случаи.
„Имаме поништени дипломи, пријавен фалсификат на диплома, затворени институти, следи затворање на факултет. Тоа е се направено со докази каде што ние сме утврдиле неправилности, односно непочитување на законот“, вели Јаневска.
За да не останеме заковани на дното и какви радикални мерки се потребни за да се подигне високото образование и за тоа зошто на речиси милион и 500.000 жители држава имаме потреба од шест државни универзитети и неколку приватни, Јаневска вели дека се што се прави се радикални проблеми.
„Се што во овие две години како Министерство правиме, јас сметам дека се радикални промени и ќе продолжиме со нив. Сведоци сме на купени дипломи, додипломски, постдипломски, неправилни уписи и министерот ако е свесен, не може да биде соучесник во злоделото, за потоа одеднаш јавноста да рече ама ‘греота се’. За емпатијата, за симпатиите, министерот има лично право дома да размислува. Кога е на работа има закон и ќе постапува по закон. Но ние како општество мора во еден момент да знаеме што сакаме. Или ќе бидеме сочувствителни со тие што го кршат законот, па ќе имаме 20 правни факултети, 34 институти, факултети каде што се случуваат вакви неправилности, или почнуваме да воведуваме ред. Тешки се реформите, но ако сакаме да опстојуваме и да напредуваме, не само во високото образование, туку и како општество, ние ред мора да воведеме, колку и да е тешко и болно“, вели Јаневска.

Министерката вели дека „или сакаме да воспоставиме ред, или сакаме да живееме во хаосот и да биде се како до сега“.
Осврнувајќи се на податокот дека во моментов во Македонија недостигаат повеќе од 10.000 работници, Јаневска вели дека процесот е глобален.
„Не е само во Македонија миграцијата, демографијата, падот на новородени е секаде во светот, па така и во Македонија. Вештачката интелигенција веројатно ќе направи одреден број на работни места да ги нема, но ќе се отвораат други профили, други струки, и ќе се отвораат нови работни места, па оттука неопходно е и универзитетите да се прилагодат на таа потреба, но и државите да овозможат преквалификација на одреден број на луѓе коишто ќе останат без работни места. Тоа во Македонија нема да се случи во блиска иднина, тоа првенствено ќе се вклучува во најбогатите, најразвиените земји, коишто ќе можат да ја спроведат целосно дигитализацијата и употребата на ВИ.
-Ние се подготвуваме за примена на ВИ, ја вклучуваме во образовниот систем, од основно преку средно и на високото образование. Што да направиме да ги задржиме нашите млади тука, затоа што навистина имаме недостаток на работна сила? Дуалното образование во средното образование е успешна приказна на Македонија, и сите треба да бидеме среќни, затоа што учениците од средно образование кои работат во компаниите, во т.н дуално образование, каде што праксата ја спроведуваат во компанијата, кои не го продолжуваат своето образование на факултетите, најголем број од оние што сакаат остануваат во компаниите и тоа е еден одличен модел.
-Новиот закон за високо образование, стимулира дуално образование и во високото образование. Секако, ние нема да ја нарушуваме автономијата. Тоа ќе си одлучат факултетите и универзитетите на кој начин, со кои компании ќе работат, но е добар модел, а законот ја дава таа можност, вели Јаневска, но и додава дека на универзитетот не е основна работа само да произведува работна сила.
„Универзитетот има многу поголема улога од тоа да прави продукт за пазарот на труд“.

Прашана дали решението треба да се бара преку увоз на работна сила или напротив, да се искористат сите потенцијали со кои располагаме како држава, Јаневска вели дека во овој момент е тешко да се обезбеди кадар во одредени струки, и доколку треба да се премости таа празнина, како што се случува секаде во светот, можеби треба да има увоз на работна сила, до оној момент додека ние не се консолидираме да ги задржиме нашите млади овде.
„Државата во овој момент прави се околу тоа прашање. Прави стратегија за демографија, оперативен план. Во образованието програми за реедукација, регионални стручни центри, Центар за образование на возрасни, Центар за средно стручно образование. Значи нудиме можности, дури и да се случи да останат без работа, нудиме брзи кратки курсеви за стекнување на одредени квалификации, за да можат да се вклучат луѓето во пазарот на труд“, вели Јаневска.
Целото интервју погледнете го во видеото.