
Гаши: Една од најважните задачи ми е да го подигнеме достоинството на Собранието
Една од работите што ми се многу важни, и како претседател на Собранието, и како пратеник, и како граѓанин на оваа држава, е да го подигнеме достоинството на Собранието и на институцијата пратеник. За жал, таа позиција е дерогирана на прилично високо ниво и тоа не е во ничија корист, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Една од работите што ми се многу важни, и како претседател на Собранието, и како пратеник, и како граѓанин на оваа држава, е да го подигнеме достоинството на Собранието и на институцијата пратеник. За жал, таа позиција е дерогирана на прилично високо ниво и тоа не е во ничија корист, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во однос на ниското ниво на доверба во Собранието, што годинава, според Институтот за демократија изнесува 2,7 проценти, како и загрижувачкото уверување дека пратениците повеќе ги застапуваат сопствените и партиските интереси отколку интересите на граѓаните, Гаши рече дека се свесни за таа перцепција и оти за подобрување на состојбите треба да се придонесат сите, а промената на изборниот модел и отворените листи, за кои рече дека лично тој се залага, според него сами по себе не се гаранција за тоа.
-Додека сум претседател на Собранието и пратеник, а и откако нема да бидам, секогаш ќе работам на подигнување на достоинството на Собранието и на функцијата пратеник, затоа што сум убеден дека на тој начин најдобро ѝ помагам на државата и на зајакнувањето на нејзините институционални капацитети. Тоа е чин на државност. Затоа мислам дека со тоа што сме склони да напаѓаме сѐ што прават пратениците, не ѝ правиме услуга на државата. Не велам дека граѓаните не треба да нѐ критикуваат. Напротив, ние сме отворени за критика. Апсолутно се залагам за максимална транспарентност. Сите пленарни седници и комисиски расправи се трудиме да бидат транспарентни. Покрај пленарните седници и односот кон граѓаните и новинарите, освен што имавме месечни брифинзи, воведовме и редовни неделни брифинзи со новинарите. Значи, се обидуваме максимално да бидеме транспарентни. Но, многу често позитивните работи што се случуваат во Собранието не допираат до граѓаните. Тоа не е добро. Ви тврдам дека, сепак, на крајот од денот, Собранието е вистинската слика на државата. Пратениците се избрани од народот. Ако кажеме нешто за пратениците, зборуваме и за државата, и за народот – рече Гаши во Само интервју на Канал 5.
Нагласувајќи дека и тој лично се залага за отворени листи, потенцира дека смета дека само до нивното воведување драстично нема да се промени политичката култура во државата.
-Имаме многу држави каде што се применува овој модел, а не може да се каже дека дава којзнае какви резултати. Затоа не мислам дека сѐ зависи од изборниот модел. Сето тоа зависи од повеќе фактори и сите тие треба да бидат усогласени и да дејствуваат кохезивно во насока на подигнување на политичката култура во државата, а генерално и на вкупната култура во општеството. Апсолутно не сакам да избегнам одговорност и не сакам да ме сфатите погрешно, но како прв меѓу еднаквите што ја води оваа институција, ќе се борам до крај за достоинството на секој пратеник и на институцијата пратеник, затоа што сметам дека тоа е државнички чин и е во интерес на граѓаните – додаде Гаши.
За тоа дали се смета дека е подобар претседател од Талат Џафери, како прв Албанец на чело на Собранието, тој рече дека смета оти во политиката не треба да се споредува со другите, а доколку би правел таква споредба ќе ја направи со сите претходни претседатели на Собранието.
-Јас политиката не ја сфаќам како нешто во кое треба да се споредуваат личности. Прво, ако треба да се споредувам, би се споредувал со сите претседатели на Собранието, а не само со господинот Џафери. Но, мислам дека политиката е нешто што треба да го вреднуваат граѓаните, оние за кои работиме, оние што ни даваат моќ, власт, доверба и, пред сѐ, гласови. Мислам дека за ова што го направив изминативе две години, на крајот од мандатот, кога ќе заврши, повторно ќе поднесам отчет пред пратениците и пред граѓаните. За мене е важно да кажам што сум работел, а граѓаните да проценат дали било подобро или полошо, имајќи ги предвид сите околности – рече Гаши.
За тоа зошто на неговиот двогодишен отчет за сработеното на оваа позиција не присуствуваа пратениците од опозицијата изјави дека тие уредно биле поканети, биле на координацијата со него, но дека така одлучиле и оти според него тоа е нешто што е карактеристично за македонската политичка култура. Гаши истакна дека има добри односи со координаторите на сите пратенички групи, а за Предлог-законот за правична застапеност рече дека тоа е закон со кој конечно едно уставно начело ќе биде законски регулирано.
За тоа што очекува од ДУИ и најавите на Бујар Османи дека и физички ќе го спречи донесувањето на овој закон Гаши одговори дека не смее да се користи таков јазик во една демократска држава, која има Собрание, Устав, процедури. Додаде дека е во ред пратениците да имаат свои ставови, дека треба да нудат, идеи и амандмани, но нагласи дека демократијата е владеење на мнозинството. Како што беше најавено, повтори дека законот ќе се носи со мал Бадентер, односно за него е потребно мнозинство од 61 пратеник и мнозинство од пратениците кои се од не мнозинските заедници кои што се присутни на седницата.
Во однос на критиките зошто клучни закони се носат по скратена постапка, како измените на Кривичниот или тој за укинување на техничката, влада, но и во однос на крупните финансиски задолжувања, наместо да се отвори широка дебата и да се даде време и на пратениците и на граѓаните да видат за што станува збор, Гаши рече дека тој од првиот ден, откако ја презел функцијата се бори со ова и оти речиси на секоја координација за тоа ги потсетува и координаторите, но и Владата. Гаши додаде дека тоа не зависи од претседателот на Собранието и од собраниската служба, туку од предлагачот, дали е тоа Владата или група пратеници.
За тврдењата на ДУИ дека тие се вистинските застапници на интересите на Албанците во државава, Гаши одговори дека тука треба да е дефинира што е добар Албанец.
– Ако за тоа критериум е корупцијата, подигнување меѓуетнички тензии, тогаш можам рака да им подадам. Милам дека треба да ги претставуваме Албанците на најдобар начин, да бидеме граѓани на оваа држава, која ќе ги исполни барањата на Албанците, а тие не бараат нешто многу поразлично од Македонците, Турците, Власите…тие сакаат достоинствено да живеат, економски развој, квалитетно образование, здравствени услуги…Да излезете во 2021 и да кажете дека етничките прашања се затворени и дека партијата станува зелена, а потоа да ви текне дека не е така не гледам континуитет. Сметам дека се уште треба да работиме на подобрување на меѓуетничките односи и тоа е еден од најбитните столбови на оваа држава. Албанците и Македонците, кои ги хранат меѓуетничките тензии, ниту се добри Албанци, ниту се добри Македонци – нагласи Гаши.
За полагањето на правосудниот испит на албански јазик, рече дека тоа е праведно и коректно, бидејќи ако еден студент студирал на еден јазик, трба да може да го полага испитот за знаењето што го стекнал на тој јазик.
-Еден студент кој завршил правен факултет во државата на албански јазик, на државен универзитет правен, целата терминологија, која ја научил, ако го испитувате или го ставите на тест за знаење на друг јазик, поради непознавање на терминологијата може да биде во неповолна положба – смета Гаши.