Корубин: Малцински реципроцитет, лага во најава

Колумна на Никица Корубин

Во екот на преговорите со Бугарија, кој и не е баш ,,ек,, туку повеќе тивка глума, се’повеќе се слуша терминот ,,реципроцитет,, и се однесува на темата на малцинските права. Интересно е како преку ноќ, го заборавивме литературниот јазик и жестоката одбрана на идентитетот, па сега сме фокусирани на ,,малцинствата,,. Важно гардот е високо поставен и од него се одбива секоја релевантна дискусија и се претвора во обична бучава, миш-маш во која се фрлаат сите ,,креативни,, идеи, како да ,,и покажеме ние на Бугарија,,. Да и покажеме до каде оди нашето неразбирање на реалноста, а и нашиот, до сега, успешен обид, се повеќе да се изолираме од таа реалност и да се вратиме само на ,,нашата вистина,,. Оваа лекција веќе ја поминавме со Грција, но не само што не ја научивме, туку после 30 години, потрошен живот, генерации, енергија, воља, идеали и надеж; ние се враќаме на старите, добро испробани корени: супериорна жртва. Иако, звучи како парадокс, впрочем како и нашето секојдневие, всушност ја одразува сржта на проблемот: супериорно се закануваме без оружје и сила, чекајќи друг да го реши нашиот проблем, во манирот на жртва. Во овој безизлез на нова тура генерации и години за губење, две работи се клучни: дали сите губиме од оваа самоубиствена мисија или напротив, некои и добиваат, и дали токму тие, од нашите редови, кои добиваат, секогаш одново и одново лажно супериорни (за по дома) ги вадат испробаните теми, како што е најновата: нашите малцинства.

Да видиме како во нашиот устав се третираат малцинствата и каде се тие сместени. Малцинствата или точната нивна терминологија ,,дел од народ,, се наоѓаат во Преамбулата на уставот, веднаш после македонскиот народ или рамо до рамо со него. Преамбулата не го претставува законодавниот, правниот дел од уставот, туку свечениот, воведниот. И во него ги нема сите малцинства кои живеат кај нас, напротив никогаш тоа прашање и не е отворено, зошто некого има и по кој критериум се токму тие влезени во уставот, на пример ,,дел од влашкиот народ,, како случаен пример. Кога Бугарија, бара и Бугарите како малцинство да влезат во нашиот устав, тоа ќе се случи токму тука, во Преамбулата, каде веќе, селективно, се содржани неколку малцинста, но не сите, кои треба да се пронајдат во ,,другите,,. Што тогаш е точно тука проблемот, за уште една жестока реакција од наша страна, внимателно водена и хранета; и каде е просторот за наводниот ,,реципроцитет,,. Од што би се состоел тој реципроцитет? И дали тие што бараат реципроцитет, воопшто го познаваат нашиот устав? Во уставот, во член 49, кој веќе 30 години е спорен и еден од трите главни барања на Грција, и е дел од уставните амандмани кои се донесени на почетокот на 2019 година, а беа регулирани како заокружување на спорот со Грција и Преспанскиот договор. Па, ако до 2019 година во нашиот устав, во член 49 стоеше дека: ,,Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија … ,, со промената сега во уставот, на линија на немешање во внатрешните работи на другите држави, членот 49 гласи: ,,Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ … Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ … ,,.

За каков реципроцитет, тогаш свесно се лаже јавноста? Дека ние повторно ќе го смениме уставот во член 49, регулиран во Времената спогодба, а сега трајно и во Преспанскиот договор, односно во нашиот устав? Но, да се вратиме малку на изворот на проблемот, кој од поранешна СФРЈ, и ,,силата на супериорност,, што по инерција, како во некоја фантазмагорија се уште го влечеме; односно да го поставиме прашањето обратно: како Република Македонија од 1991 година, воопшто се грижела за ,,положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји,,? Или тоа била обична декларативна фиктивна заложба, директно извлечена од заедничкиот федеративен правен континуитет, кој исто така досега само до 1945 година, односно грижата во формално-правна смисла ја прави невозможна.

Прашањето на македонското малцинство, покрај тоа што е историско прашање, во нашиот случај, како држава, е правно прашање. Во таа смисла, на кои тоа малцинства, во формално-правна смисла, Република Северна Македонија сега, а Република Македонија полага(ла) право и се поставува како ментор и лидер? Ако СФРЈ ја имала моќта, главно преку ,,културна соработка,, да ја држи тензијата, и да ги користи малцинствата како алатка за пресметка,  ама не и решавање на нивните права, на што се повикуваме ние? Тоа не значи дека не постои македонско малцинство во соседните земји, тоа само значи дека ние немаме никаква формално-правна основа да се поставуваме како држава-матица, чиниш сме имале држава за време на балканските војни и да се грижиме за тоа малцинство како за наше. И како тие Македонци би биле наши, на граѓаните на Северна Македонија, а не свои и граѓани на своите држави? Тоа се луѓе кои сами треба да се изјаснат и изборат за својата етничка или било каква припадност, во рамките на своите држави, кои исто така се меѓународно признати во своите граници, согласно тамошните правила.  Ние сме независна држава од 1991 година во строго утврдени, географски граници, непроменети од 1944 година. Тоа е нашиот правен континуитет, како држава, како форма. Нашата држава до 1944 година, била територија под разни владенија, но била територија. Може да дискутираме на историска, научна основа за етничкиот состав, за историската територија, за етничките граници; но во модерниот свет, во политичка категорија, ние се појавуваме дури откога имаме оформено државност, односно целосна независност; а тоа е од 1991 година. Тоа е нашето се’, тоа е нашата држава, тоа се нашите граѓани за кои се грижиме, тое сме ние. Историјата не може ниту да ја вратиме, ниту да ја менуваме, а најмалку да влијаеме на неа. Која е целта на митот за исправање на “историската неправда”, мешање и менување на граници? Па, токму тоа е мешање во внатрешните работи на соседите. Тоа што ,,овој дел,, од историската Македонија, имал среќа да стекне независност, како резултат на склоп на многу околности, не не’ прави историски супериорни, во однос на ,,другите делови,,. Тие се независни држави, наши соседи, со сопствени правила, со свои граѓани. Кои своите права самостојно си ги бараат во рамките на своите држави, европските и светските правила. Како што впрочем и наши сограѓани од албанската етничка припадност, своите права, си ги бараа во рамките на оваа држава. Дали тогаш посакувана опција беше мешањето на Албанија, на пример или на Косово, во заштита на нивните права тука? Затоа што примерот е идентичен, со ,,новоразбудената,, свест за ,,нашите,, во Бугарија.

Но, кој е всушност иницијаторот и поддржувачот на ова квази национално освестување? Се’ ми се чини дека тука лежи и проблемот и решението на проблемот. Не само во однос на прашањето во однос на Бугарија, туку прашањето на опстанокот на државата, како модерна и современа држава, еднаква за сите. Затоа што во овие 30 години, таа не само што не е еднаква за сите, и тука не мислам на етничката припадност, туку на ,,идеолошката,, припадност. А, таа не е врзана за некоја одредена партија или идеологија, туку строго и стриктно на оддржување на континуитет на ,,југословенската привилегирана елита,,. И неа можете да ја најдете во сите можни форми во општество: партии, академија, медиуми, бизнис, факултети; буквално секоја пора на општеството е одредена од нив. Тоа е најсилниот ,,идентитетски,, континуитет, “кој што смее да биде” и “кому какво влијание е дозволено”. Си го бранат ,,наследството, свое и на потомството,, со вадење на митови и магии, еднократно вкусни, како замена за девастираниот, обесмислен живот. Поради кого? Поради Бугарите, Грците, Албанците или поради неможноста да бидеме луѓе и граѓани во сопствената држава, која најмалку ја посакуваат како нормална држава, токму тие чија евидентна неспособност, ама ,,наследена,, привилегија да владеат со сите нас ги води до нивна пропаст. И токму затоа, тешко до граѓаните, ќе допре веста дека Европскиот парламент, повика на ,,отварање на архивите на поранешна Југославија,, за да се види ,,врската помеѓу организираниот криминал, политиката и бизнисот,, и конечно да се утврди зошто постои недостаток на политичка воља за изградба на нормален функционален систем, веќе 30 години кај нас и кај сите држави произлезени од поранешна Југославија. Истата таа, која ,,малцинствата,, ги користеше како сопствено оружје за пресметка, а сега тие застарени методи, ги вади како последна шанса, шанса да се закочи Македонија уште некое време. Наводно во име на идентитетот и малцинствата. Газени брутално и лукративно, секој ден на секој чекор. Секој се бори за своите ,,идеали,, но некој се бори на наша заедничка сметка. Водиме ние фиктивни битки со години, само што се чини постојано го промашуваме непријателот, па никако не може да изградиме своја автентична држава. Нашите не’ спречуваат.