Вакво одбројување не сте виделе нити за скоро ќе гледате.
Новата година доаѓа и против нечија воља, но секако неспорен е фактот дека мнозинството желно ја исчекува.
Ја чека како вујче од Америка, ама не знаеме што има вујче во „куферот“. Може да има играчки, а може и да е празен и овде да треба да се „полни“.
Како и да е, вујче ќе дојде.
Сите досегашни нови години ќе се сложиме беа само четврток на петок, или вторник на среда, еден неработен, па петок на „честито“. Сега, навистина ќе биде нова година. Навистина ќе биде и нова, а и 365 дена, еден по еден.
И тоа е некако и фер. Меѓу сите “лажни“ една ќе е навистина “права“ нова година.
Нова година во која ќе ја снема короната, ама ќе се „затскрие“ и струјата.
Ви текнува како си шетавме по улици и кејови кога не работеа кафичите и рестораните? Е пак ќе си шетаме. Да не се секирате.
А и колите мислам ќе ги „олабавиме“ малку. А и имунтет ќе ојачаме без вештачките шеќери со уште повештачки цени.
Господа, се дивее по ресторани со месишта и останати хибрид сланинести салати.
Господа, се дивее по улици со канти и поршеа.
Господа, на архивски снимки од не така далечните 90ти години компарирано со сегашниве, делуваме како да сме ги изеле луѓето што случајно влегле во кадарот од репортажата.
Изобилието, не изобличи. Достапноста до сѐ нѐ направи меѓусебно недостапни. Трката за пари како и секоја трка, низ годините само побрзо не носи сите, на едно не така атрактивно место.
И сѐ поизвесното новогодишно сценарио може и нема така лошо да ни дојде.
Ќе “стивнат кубикажните јагниња“, ќе „секнат државните чешми“, ќе постиме како што се пости, а не од мода.
Па после кафе ќе се зема на лажиче од комшии, а не со килограми ко за мотел на автопат, млеко ќе се вари и ќе се штеди, а нема да се фрлаат литри и литри со 4 дена поминати заборавени рокови, светло ќе се бара од денот, а не од сијалицата, храна ќе се зема човечки, а не ко за товење на животинска фарма.
Ова е најмалку мрачно сценарио колку и така да звучи, иницијално.
Ова е најиоптимистичко нешто што може да ни се случи.
Најпесимистичко е да „истераме“ ни ваму ни таму, малку горе малку долу, да помине се за некое време, а лекцијата да остане ни прочитана, а камо ли научена. Научена, за некои други поозбилни времиња.
50тите години на минатиот век важат за едни од посиромашните, но и за едни од посолидарните, а и предвесник на новите културни и научни бранови.
Зрели сме за промени, ако не и презреани.
Среќна Нова Година полна со човечка емпатија!