Од денеска стартува вакцинација со турската „Турковак“

Од денеска Турција започнува да ја аплицира вакцина против Ковид-19 „Турковак“, објави државната ТРТ Хабер, цитирајќи ги здравствените власти.

Тамошниот министер за здравство – Фахретин Коџа објави дека вакцината може да се даде и како засилувачка доза, без разлика каква вакцина била дадена претходно.

Сите оние кои сакаат да се вакцинираат со оваа вакцина во Турција, ќе можат да закажат термин во градските болници.

Министерот вчера ја прими вакцината „Турковак“ како засилувачка доза, заедно со членовите на специјализираниот научен совет за контрола на коронавирусот.

Оваа вакцина доби одобрение за итна употреба минатата недела, а со тоа Турција стана деветтата земја во светот што произведува сопствена вакцина против КОВИД-19.