Македонскиот министер за надворешни работи – Бујар Османи за бугарската „Нова ТВ“ изјави дека „фактот што Бугарија сега има политичка Влада го отвора патот за пронаоѓање решение на спорот и одблокирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија“.
-Фактот дека во Бугарија сега има политичка власт ни дава надеж дека двете легитимни влади можат да седнат и да разговараат за сите прашања и првите пораки даваат оптимизам, бидејќи токму тоа го кажавме и самите ние. Потребно е да има сеопфатен пристап. Да, историјата е важна, но ние секој ден правиме историја, создаваме историја. Јас прифаќам само еден аргумент зошто досега не беше најдено решение, бидејќи немаше политички кабинет. Сега навистина нема причина да се даваат долги рокови, кога има политички кабинет. Има стабилно мнозинство во Република Бугарија и во Република Северна Македонија и можеме да седнеме уште од утре, да ги продолжиме разговорите и уште во јануари да има решение“ рече Османи.
Тој смета дека односите изминатиот период отишле во надолна линија и покрај интензивните преговори и разменувањето идеи.
„Во многу моменти бевме многу блиску до решение, но се разбира и таа влада тогаш се наоѓаше во некаква предизборна ситуација, во една внатрешна политичка ситуација, која го отежнуваше пронаоѓањето решение“ – вели Османи.
Во врска со барањето на Бугарија јазикот да се нарекува официјален јазик на Република Северна Македонија, Османи смета дека ставот на Скопје е јазикот да се нарекува, онака како што било предложено од Европската комисија – македонски јазик.
„Јазикот произлегува од правото на самоопределување на секоја држава. Се признаваат државите, а не атрибутите, кои тие држави ги имаат. Затоа сметаме дека тоа не е барање, кое треба да биде спор или препрека на патот за членството во ЕУ. Сметаме дека тој предлог на европското претседателство на двете земји да имаат свои еднострани позиции во ЕУ во однос на јазикот, а самата ЕУ да ги прифати двете позиции, за нас тоа е решение на прашањето“ – рече Османи.