(ВИДЕО) Разговори со претприемачот Ивановски, актерите Трајковиќ и Климоска и за пензиските фондови со Николоски

Македонскиот претприемач Иван Ивановски, главните актери во филмот „Сестра, брат и шахта“ на режисерот Милчо Манчевски, Сара Климоска и Филип Трајковиќ и Маријан Николовски, претседател на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиските фондови, соговорници во новото издание на Трилинг.

Македонскиот претприемач Иван Ивановски, главните актери во филмот „Сестра, брат и шахта“ на режисерот Милчо Манчевски, Сара Климоска и Филип Трајковиќ и Маријан Николовски, претседател на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиските фондови, соговорници во новото издание на Трилинг.

„Би сакал да објаснам како функционира во моментов системот на уплата на придонесите кон државниот пензиски фонд и кон вториот столб. При секоја исплата на плата од страна на работодавачот, зборуваме за бруто платата вкупниот процент на придонес за пензиско инвалидско осигурување се уплаќа на буџетска сметка на Фондот на пензиско инвалидско осигурување на Македонија, а тој е должен веднаш, а не подоцна во рок од пет работни дена да ги префрли оние 6% коишто припаѓаат на вториот столб на соодветна сметка во банката чувара.

-Спомнати беа предложените измени во законите. Оваа одредба од 6% е дефинирана со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, коешто во моментов се брише и она што можевме да го чуеме како образложение од носителите на јавни политики, дека тој процент останува и ќе биде пренесен во друг Закон, односно во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување каде што се одредуваат стапките на сите придонеси покрај за пензиско, за здравствено и за невработеност.

-Подолг период има доцнење со уплата на придонесите за вториот столб, и она што е позитивно, а што можеби не е забележано во оваа дебата. е што се најавуваат измени во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, каде што улогата за прераспределба на придонесите меѓу првиот и вториот столб сега се пренесува на УЈП и при самата исплата на плата од страна на работодавачот, веднаш да оди распределбата помеѓу првиот и вториот столб на соодветните придонеси“, изјави за „Трилинг“ Маријан Николовски, претседател на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиските фондови, околу тоа како во иднина ќе се распределуваат пензиските придонеси и дали постојат заостанати обврски кон приватните фондови.

Околу дефицитот на Пензискиот фонд, вклучувајќи ги и обврските на ПИОМ е речиси 5,2% од БДП или околу 1 милијарда евра годишно, и дали ако оваа спирала на постојано барање средства Владата од државната каса да издвојува за ПИОМ ќе создаде помалку нефункционален Пензиски фонд, ако овој начин на функционирање како што е сега поставен ПИОМ продолжи, Николовски се наврати на 2005-та година, кога беше констатирано дека соодносот помеѓу бројот на вработени и бројот на корисници на пензија или пензионери е долгорочно неодржлив за да може системот да функционира само по принцип на тековно финансирање, односно од тековните вработени да се исплаќаат пензиите за тековните пензионери.

„Токму затоа е воведен вториот столб, во функција на резервен фонд или да кажам каса, во која што сите негови членови му плаќаат дел од придонесот за пензиско и инвалидско осигурување и тие средства не се користат за тековна исплата на пензии, туку наменски се вложуваат, се инвестираат со цел долгорочно да се оплодат, а кога ќе дојде на ред да се исплаќаат пензии за овие осигуреници, тие ќе имаат пензија од комбиниран извор. Дел ќе земаат од државниот фонд, дел од личната сметка во вториот столб.

Осврнувајќи се на тоа дека во една од можните реформски зафати се предлага и зголемување на придонесите и можеби поместување на старосната граница до пензионирање, и дали тука може да се бара решението, Николовски објаснува кој би бил ефектот од тие мерки.

„Ние кога започнавме со реформата во 2005-та година, вкупната стапка на придонес беше 21,2%, зборувам за пензиско и инвалидско осигурување. Таа постепено низ годините се намали до 18%, за потоа повторно да се зголеми на денешните 18,8%. Целта на зголемува на придонесот од бруто платата би значело повеќе приходи, пред сѐ за државниот фонд.

-Но тука треба да се увиди малку подетално дали од постојните вработени може да се зголеми приходната база, односно базата за придонеси. Што би сакал тука да кажам? Во моментов имате вработени кои што плаќаат за тековните пензионери, но немаме точна пресметка колку од нив се на која плата пријавени, дали можат да се пријавени на повисока плата, дали можеме во делот на сивата економија да вклучиме повеќе луѓе да се формално вработени на пазарот на труд и на тој начин да се зголеми приливот за државниот фонд“, вели Николовски.

„Ако се разгледа по некакви драматуршки поставености, се работи за антихерои, меѓутоа мисла дека за нас двајца се дефинитивно едни двајца херои, затоа што тука се поставува прашањето кој е херој во општество со изместени вредности.

-Така што за мене Малина и Виктор се едни херои, вели актерката Сара Климоска говорејќи за новиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“.

„Најтешко е во театар или филм, да се играш себе си. Среќа овде не се игравме себе си, меѓутоа игравме ликови коишто играат во онаа реалност што стварно постојано не опкружува, и некако не се менува. А играње на реалноста во која сме, па тоа е многу лесно затоа што сме навикнати, знаеме и ја гледаме постојано“, вели актерот Филип Трајковиќ.

Климоска вели дека Малина и Виктор се ликови кои што секако живеат надвор од системот на некој начин.

„Системот во ниту еден момент во нивниот живот не им придонел или помогнал нешто. Едноставно се надвор од системот. Така што кога некој не ги ужива правата да се бори некако преку институциите, нормално е дека ќе најде некој свој механизам за како да преживее. Така што ова се ликови коишто за да преживеат мора да крадат шахти. Да, ние може да ги обвиниме, затоа што имавме еден случај на Вера Јоциќ каде бистата е украдена, меѓутоа ние влегуваме во еден таков свет каде што тие луѓе кои го прават тоа немаат друг механизам за да преживеат. И да, се разбира дека системот е тука проблем“, вели Климоска.

„Во текот на целото снимање го чувствувавме тој однос на брат и сестра, таа љубов што ја има меѓу нас е сериозно голема. И среќа дека е вистинска и нема многу да лажеме, затоа што стварно моето чувство за Сара е дека сме стварно толку блиски, и стварно ја чувствувам како сестра на одреден начин.

Прашани дали целта на филмот беше да се преслика и долови суровата реалност во Македонија, Трајковиќ вели дека на некој начин да, меѓутоа целта не е само тоа.

„Има многу работи коишто во филмот заслужено се видливи за публиката, коишто некако успеавме да ги донесеме до некое ниво, да успееме да поставиме точни прашања за одредени моменти и работи.

-Суровата реалност си е присутна секако“, вели Трајковиќ.

За тоа дали филмот е комедија за оние кои имаат, и за оние кои немаат Трајковиќ смета дека е и за едните и за другите.

„Ги фаќаме двете крајности. Се работи за дрска трагикомедија. Има многу тажни и има многу смешни моменти во самиот филм. Неколку пати не прашаа како успеваме тажните да ги направите смешни. Така што мислам дека сами по себе се тие смешни кога се толку тажни“, додава Трајковиќ.

Се чувствувам среќен, а зборот богат може да го дефинирам малку различно. Мене не ми претставува богатство само јас кога имам. На мене ми е подобро и луѓето околу мене кога имаат, заради тоа што кога имаш само ти, едноставно настанува проблем. Џабе и ако имам многу средства, ако школството за моето ете е лошо или болницата каде се лечиме е на лошо ниво.

-Така што јас би се чувствувал среќен и богат ако во моментот можам да направам повеќе за Македонија, каде сите би имале повеќе. Во таа ситуација би можел да одговорам дека се чувствувам среќен и богат“, вели за „Трилинг“ Иван Ивановски, претприемач.

Прашан во што денес е најдобро да се инвестира – недвижности, криптовалути, купување на акции, Ивановски вели дека не може да даде финансиски совет заради тоа што моментално е сопственик и на инвестициски фонд.

„Но ако мое мислење треба да дадам, за мене секогаш американските компании претставуваат најдобро место за инвестирање, заради тоа што ако и историски погледнеме, во последните 60 години може да забележиме дека растот на економијата и на целиот индекс S&P 500 со стапка секоја година по 11%“, смета Ивановски.

Тој вели дека е доста едноставно парите да работат за нас.

„Не треба парите да стојат под перница. Значи треба да ги ставите на некое место. За тоа ние отворивме инвестициски фонд. Поентата е тие луѓе што имаат работа, на пример како вас, или некој доктор, адвокат, што нема време сам да се занимава со инвестирање, го доверува парите во инвестициска куќа, таа спрема него прави портфолио и му ги менаџира средствата.

Разговорите погледнете ги во видеото