На Бихачка бб беше извршено примопредавање меѓу стариот и нов лидер на СДСМ. Најголем предизвик за новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски е со конкретни кадровски чекори и редефинирани политики да потврди дека нема да дозволи да има епизодна улога.
Тандемот Димитар Ковачевски и Миле Зечевиќ заслужува фер и искрена шанса. Во најмала рака е политички недостојно, после оставката на Заев, постојните министри, без разлика колку и да мислат дека биле успешни, да не почуствуваат потреба да дадат неотповикливи оставки и да се даде простор за кадровски ремонт кој е неопходен за да се создаде минимум шанса за враќање на довербата на граѓаните.
Зарем само Заев е одговорен за лошите резултати на локалните избори?!
Политичка дрскост е да се верува дека оставката на Заев е доволна. Тоа не е формула за обединување на партијата. Зарем само тој е одговорен за лошите изборни резултати на локалните избори?! Доколку сакате да барате резултати од новото раководство на СДСМ, не може да не им оставите да направат автентичен владин и партиски тим, ослободен од трули компромиси. Со заминувањето на Зоран Заев треба да заминат сите негови кадровски владини решенија и сите од СДСМ во Владата треба да го следат неговиот пример, кој е реткост во политичката култура и заслужува почит.
Сегашната разлика од најмалку 80.000 гласови во прилог на опозицијата постои ризик и да се дуплира доколку останат истите актери кои кумуваат на оваа состојба. Јалова е дилемата кој ќе дојде ако тие си заминат зошто некој од нив се убедени дека без нив нема реформи. Тоа е тешка заблуда!
Логиката упатува на заклучокот дека е демократски исправно на новото раководство предводено од двоецот Ковачевски и Зечевиќ да му го отстапиш правото да стори се што е во негова можност да ја врати партијата на победнички патеки.
Потенцијално идно раситнување на СДСМ?!
Лобирањето, пазарењето, за да се остане на функциите по секоја цена ќе биде уште потешко казнето од граѓаните на следните избори. Затоа, доколку Зоран Заев е искрен до крај, треба без двоумење да побара од сите министри од СДСМ да се повлечат. Изговорите дека треба да се задржи поголем дел од постоечките кадри за да не се раслоји партијата е токму инвестиција во потенцијално идно раситнување на СДСМ преку формирање на најмалку уште една нова политичка партија.
Ако се остварат прогнозите дека составот на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ ќе доживее само козметички измени, тогаш јавноста ќе има целосно право да се сомнева дека со изборот на Ковачевски свесно се жртвува партијата, која на таков начин ќе продолжи забрзано да се движи кон длабока опозиција од најмалку 8 години.
Авторот е универзитетски професор