Колумна Стрезоски: Секогаш разговарајте

Секогаш разговарајте со вашите блиски.

Разговарајте дури и тогаш кога сте си кажале сѐ. Разговарајте и тогаш кога немате веќе што да си кажете.

Разговорот е како вентил на умот. Сѐ што ви стои, сѐ што ве мачи, сѐ што ве прави среќни, за сѐ разговарајте. Разговорот ослободува, ослободува како да сте тргнале товар од плеќи, како да сте отвориле нова врата, како да сте затвориле стара рана.

Разговорот е и умешност. Да го кажете тоа што го мислите, тоа е нешто само по себе и големо и важно. Да собирате во себе неискажани зборови е можеби најголемата клетва.

Разговарајте затоа што разговорот секогаш може повеќе да ви донесе отколку што може да ви однесе. Не плашете му се на зборот зашто тој е тука за вас. Тоа е како да му се плашите на дождот.

Разговорот меѓу двајца истомисленици „може да донесе“, но разговорот меѓу двајца неистомисленици „сигурно ќе донесе“.

Молчењето меѓу двајца истомисленици „може да донесе“ но молчењето меѓу двајца неистомисленици „сигурно ќе однесе“. Ќе однесе сѐ што можело да донесе.

Разговарајте со вашите блиски и кога мислите дека немате што да им дадете. Разговорот е најскап дар. Разговорот останува, се памети, се припомнува, некогаш заболува, но и силно стоплува.

Разговарајте на теми кои ги живеете, разговарајте на теми кои ќе ги живеете. Само откако ќе ја изустите желбата може да почне да ви се исполнува, тогаш и уневерзумот ќе ве чуе, а не само тој отспротива.

Разговарајте за нереални теми, за теми кои немаат врска со вас но ви ја ослободуваат душата. Така ќе живеете заедно во еден свет кој можеби и нема да се „случи” но сепак ќе се случи космички, како реална материја во нереално време.

Сѐ што можете да замслите можете и да остварите, само разговарајте.

Разговарајте за сегашната грижа и утрешната среќа, разговарајте за тоа каде грешите, разговарајте каде се реализирате, разговарајте каде да одите, а каде да останете.

Во миговите кога сите молчат преплашени од јачината на зборот, вие престрашете се и изговорете.

Разговарајте со постари од вас, сигурно годината плус нема да ви шкоди. Годината плус во туѓиот кош може само да го намали вашиот кош, кош полн со грешки.

Разговарајте и уживајте во разговорот, тоа е како траснфузија, како да примате крв од другиот, тоа е како да делите залак храна, како да се возите со временска машина, но само вие кои разговарате. Ако се присутни петорица, а разговараат двајца, тогаш само двајца се во временската машина, останатите тројца дремат на постојка.

Разговарајте зашто само зборовите остануваат. Не се текстил нити хартија да избледат, не е вазна па да се скрши, не е нешто да го снема, туку е нешто што ќе остане.

Некогаш можеби и забораваме што некој ни кажал, но тоа што кажал, останало во нас, а прашање е дали знаеме да го „најдеме“ во себе.

Разговарајте и тогаш кога не ви се разговара зашто еден ден може точно ќе се сетите на денот кога сте можеле да си кажете нешто, а не сте си.

Разговарајте и со самите себе. Не е тоа страшно, напротив. Чујте си ги желбите, потребите, соништата. Можеби така полесно ќе ги разберете, може себе послесно ќе се разберете.

Некогаш… некогаш треба и да се одмолчи.