Харадинај: Се што се случува на Косово мириса на избори

Претседателот на Алијансата за иднината на Косово (АБК) и поранешен премиер на Косово Рамуш Харадинај изјави дека се што се случува на Косово „мириса на избори“, наведувајќи дека АБК е подготвена за избори и за соработка со другите опозициски партии со цел помогне да се смени владата на Аљбин Куртија, објави денеска Косово онлајн.

Харадинај во интервју за Косова прес рече дека политичките партии веќе се подготвени за избори.

„Изборите треба да се одржат најдоцна до јануари 2025 година, но може и порано, веќе на пролет. Ова што се случува мириса на избори. Сите се подготвуваат, и ние сме во кампања, но не треба да трошиме десетици илјади евра за некакви анкети како што направи Курти“, рече Харадинај.

Тој ги повтори критиките за косовскиот премиер за прифаќањето на Нацрт-статутот на Заедницата на српските општини, оценувајќи дека тоа ќе му нанесе голема штета на Косово.

Наместо Унијата да се создава како пандан на меѓусебното признавање или членството на Косово во НАТО, таа се формира во замена за признавање на регистарските таблички, рече Харадинај.

Тој рече дека само Србија има корист од погрешните постапки на Курти.

Коментирајќи ги неодамнешните предупредувања за „сериски напади од Србија“, Харадинај изјави дека безбедносната ситуација бара претпазливост, но не и со аматерите, како што ги нарекува премиерот Аљбин Курти и министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља.

Харадинај оцени дека Србија не може да ја избегне одговорноста за нападот во Бањска, но посочи дека Косово нема корист од тој „меѓународен моментум“, бидејќи се уште е под санкциите на Европската унија.