Грчки „Архиродон“ се откажа од изградбата на Чебрен

Пропадна уште еден тендер за Чебрен. Грчката компанија „Архиродон“ не ја продолжи банкарската гаранција која истече на 31-ви декември, информираат за Министерството за животна средина, пренесе Канал 5 тв.

Владата со голема еуфорија и оптимизам најавуваше дека токму тие ќе бидат тимот кој ќе го изгради деценискиот проект. На 15-ти септември донесоа одлука проектот да се реализира како јавно приватно партнерство.

„Конечно оваа година после 13 неуспешни тендери имаме избрано понудувач подготвен да инвестира во овој огромен проект“ рече премиерот Димитар Ковачевски.

„Многу е добро после 32 години независност што почнавме да ги броиме деновите за нешто што е навистина важно за граѓаните“ – порача вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Проектот според пресметките требаше да чини 1 милијарда евра, парите да ги вложи концесионерот, а државата да учествува со 33% од сопственоста и да го даде ХЕЦ Тиквеш како удел кога Чебрен ќе почне со работа.

Одлуката ја крена на нозе целата експертска фела. Организираа протести, а поднесоа и претставки до повеќе институции помеѓу кои и претседателот на државата, проектот да се стопира. Според нив земјава има капацитет сама да го гради, а не да се дозволи странци со години да управуваат со нашата вода и струја.

Пресметките им покажале дека така државата ќе изгуби милиони евра, а доколку го градиме самите инвестицијата ќе ја вратиме за неколку години, и дополнително Македонија ќе профитира од продажбата на вишокот произведена струја на берзите.

Но од владата не се откажуваа од идејата. А додека течеа роковите за потпишување на договорот за основање на заедничко друштво со ЕСМ, грчката компанија поднесе жалба бидејќи според нив условите на тендерот не биле исти како со владината одлука. Па така последниот месец лани оптимизмот за конечна реализација на деценнискиот проект, и кај владата почна да паѓа.

„Ако компанијата се согласува со условите во јавниот повик има рок до 31 декември, а ако не се согласува тогаш секако дека ќе се активира банкарската гаранција, затоа што таа е дадена согласно првичните критериумите кога беше објавен јавниот повик“ – рече Крешник Бектеши, министер за економија.