Странските фирми кои немаат седиште или подружница во земјава мора да назначат даночен застапник за ДДВ

Странските фирми кои во земјава вршат промет на добра и услуги што подлежат на данокот на додадена вредност (ДДВ), а притоа немаат седиште или подружница на територијата на државата, од почетокот на 2024 година се должни да назначат даночен застапник за ДДВ, информира Управата за јавни приходи (УЈП).

Ова, како што посочуваат од Управата, го наложуваат последните измени на Законот за данок на додадена вредност од септември 2023 година.

„Пропишаната законска обврската странското лице треба да ја исполни пред отпочнувањето на вршењето на оданочивиот промет во земјата, а при регистрацијата не се зема предвид вкупниот промет од 2 милиони денари пропишан во членот 51 ставот (1) од Законот за данокот на додадена вредност“ – посочуваат од Управата за јавни приходи (УЈП).

За даночен застапник може да биде назначено секое физичко или правно лице кое е регистрирано за цели на ДДВ најмалку 12 месеци пред поднесувањето на пријавата за назначување, и кое нема доспеани, а неплатени даночни обврски. Како услов за правните лица е наведено против нив да не е започната стечајна или ликвидациона постапка, а услов за назначување на физичко лице за даночен застапник е да не е осудено на кривично дело.

Назначениот даночен застапник ќе има обврска да го пресметува ДДВ согласно добиените пресметки од странското лице, да поднесува пријава за ДДВ во име на странското лице по истек на секое тримесечје, да го плаќа данокот и пресметаната камата во случај кога странското лице не ја извршило уплатата во законскиот рок и да води евиденции за извршениот оданочив промет од страна на странското лице.