
Не сите земји кандидати ќе станат членки на ЕУ, оценува Стефан Лене, виш соработник во Карнеги фондацијата, во својата анализа како да се смени процесот за проширувањето на Унијата.
Иако анализата опфаќа над десетина страници, во неа ниту еднаш со име не се споменува Македонија, освен како Западен Балкан, но во неа има јасно изразено очекување дека земјите што имаат нерешени билатерални спорови – веројатно нема да станат членки на Европската унија. Според него ќе настрадаат тие земји кандидати за кои ќе се покаже дека отпорот на некои земји членки е непремостлив. И, Македонија тука не може да гледа само Бугарија.
„Веројатно е дека не сите десет тековни земји-кандидатки и потенцијални кандидатки на крајот ќе станат членки на ЕУ. Како што покажува примерот со Грузија, внатрешните политички случувања можат да ја одвратат земјата од нејзиниот европски пат. За други, пак, отпорот во рамките на ЕУ или од одредени земји-членки може да се покаже како непремостлив. Сепак, како што покажува историскиот запис, може да има добри причини за вклучување на таквите земји во европската интеграција. Шенген-зоната има неколку земји-членки кои не се членки на ЕУ. ЕЕА им понуди на Исланд, Лихтенштајн и Норвешка пристап до внатрешниот пазар. ЕУ моментално повторно отвора некои од своите политики за Велика Британија, а во март 2026 година потпиша широк пакет нови договори со Швајцарија. Судејќи според тековните дебати за иднината на ЕУ, се чини очигледно дека Унијата треба да се движи кон поголема диференцијација и флексибилност во своите политики и структури. Внатрешните поделби и надворешните предизвици не оставаат друг избор“, оценува Лене во анализата. Ова е првпат добар познавач на состојбите во ЕУ да посочи на опцијата – Брисел да крене раце од целосно членство на некоја земја кандидат, само затоа што некоја земја членка не го сака тоа.
Според Лене, земјите кандидати сега се соочуваат со неколку пречки во пристапувањето кон ЕУ, вклучувајќи ја и последната фаза – ратификацијата на нивните договори за пристапување.
„Процедуралните реформи и суштинските прилагодувања би можеле да помогнат во движењето на процесот напред. Ратификувањето на договор за пристапување во ЕУ ќе продолжи да биде клучот за полноправно членство, но голем дел од интеграцијата може да се случи без овој чекор“, сугерира Лене практично залагајќи се за некоја нова форма на интеграција без ратификација, не целосна туку во одредени политики и структури на ЕУ.
Причината за тоа, тој ја наоѓа и во различните профили на земјите кандидати, почнувајќи од Украина и Молдавија на кои им треба итно членство, преку Исланд кој не би се задоволил со некоја форма на постепено или условено членство, па до Западен Балкан каде секоја земја е случај за себе, а никој не брза да ги внесе во ЕУ.
„Дебатата за проширување на ЕУ во моментов е обликувана од две динамики. Првата е геополитиката, што прави неопходно што е можно побрзо да се прицврстат Украина и Молдавија во ЕУ и конечно да се продолжи со проширувањето кон Западен Балкан. Другата е фрагментацијата на политичкиот пејзаж на Европа, што го отежнува кохерентното дејствување на земјите-членки на ЕУ. Од последното пристапување на Хрватска во ЕУ во 2013 година, европската политика стана поконтроверзна и понестабилна. Се отворија нови поделби, а солидарноста се намали. Владите често ги користат проектите на ЕУ за да ги туркаат националните цели. Радикално-десничарските партии, од кои повеќето се скептични кон какво било продлабочување или проширување на европската интеграција, добија на власт и влегоа во владата во некои земји“, ја опишува Лене позадината на одлучувањата во ЕУ.
Според него, овие две динамики ја зголемуваат и политичката важност на проширувањето, и тешкотијата за постигнување позитивни резултати.
„Сегашната нестабилност на европската политика се судира со правната и институционалната ригидност на ЕУ. Договорот за Европската Унија го става пристапувањето на нови членки под двоен катанец. Тој бара, прво, едногласно одобрување на договор за пристапување од страна на сите влади на ЕУ и, второ, ратификација на тој договор од страна на земјите-членки и земјата што пристапува“, потсетува Лене.
Сепак, тој посочува дека проширувањето на ЕУ отсекогаш било тежок потфат и дека речиси сите од седумте претходни рунди на проширување биле попречени од билатерални спорови меѓу поединечни земји-членки и кандидати или од врски со други проекти на ЕУ, но на крајот преовладувал интересот на мнозинството. Сега, и преговорите за проширување и изгледите за ратификација откако ќе се склучи договор за пристапување, смета тој, изгледаат значително попредизвикувачки отколку во минатото.
„Земјите-членки имаат посилна склоност отколку порано да ја условат својата поддршка за пристапување со решавање на билатерални прашања. Не само што Унгарија го блокираше почетокот на пристапните преговори со Украина, туку дури и земјите што го поддржуваат влезот на своите соседи поставија предуслови што често произлегуваат од историски спорови. Хрватска постави такви барања до Црна Гора, Полска до Украина, Грција до Албанија и Бугарија до Северна Македонија. Подемот на националистичките партии во многу земји од ЕУ го отежнува надминувањето на овие пречки“, заклучува Лене.
Тој открива исто така дека во предлогот на ЕК за повеќегодишниот буџет за 2028-2034 година предвидени се и 43 милијарди евра за столбот за проширување и соседство на Унијата, како и финансирање од 100 милијарди евра (117 милијарди долари) за реконструкција на Украина.
„Предлогот, исто така, вклучува клаузула за ревизија за да се овозможи прилагодување на буџетот во случај нови земји да се приклучат пред 2034 година. Предлогот предвидува значително зголемување на вкупното финансирање на ЕУ, на што силно се спротивставуваат неколку влади. Преговорите, кои веројатно ќе ја достигнат својата одлучувачка фаза во 2027 година, веројатно ќе бидат многу контроверзни и би можеле да имаат значително влијание врз напредокот на проширувањето“, оценува тој.
Иако парите најдобро покажуваат дали ќе има проширување или не, лене вели дека ЕК се надева дека ограничен број мали земји – оние кои лесно можат да се апсорбираат во ЕУ и не се соочуваат со значително непријателство од постојните членови – би можеле да бидат внесени во Унијата околу 2030 година. Тука ги наброја Црна Гора, Албанија, Исланд и – Молдавиј, како земја со најсилна реформска динамика, а Македонија не ја спомена ни со прашалник, што сугерира две нешта: Или на Брисел му одговара да има помалку кандидати и нашето самооткажување им доаѓа како „кец на десетка“, или сите во ЕУ веруваат дека Македонија не прави ништо за да влезе во ЕУ, бидејќи не сака ни да биде членка на Унијата. Третото е тоа што го констатираше Лене, дека земји членки сега имаат моќ да спречат земја кандидат кога и да е да стане полноправна членка.
Од сите опции за алтернативно членство (реверзибилно, мека варијанта на членство, асоцијативно членство …) што се вртат во Брисел, Лене смета дека тоа за „фазно пристапување“ има најмногу поддршка.
„Повеќето од овие предлози предвидуваат различни фази на членство, преку кои пристапот на кандидатите до структурните фондови на ЕУ, учеството во програмите на ЕУ и правата на донесување одлуки постепено би се зголемувале според напредокот на реформите. Предлозите имаат за цел да ги стимулираат реформите, а воедно и да ја ублажат загриженоста на постојните членки дека пристапувањето на кандидати кои не се целосно подготвени би ја нарушило работата на Унијата“, посочува Лене.
Според него, идејата дека договорите за пристапување би можеле да вклучуваат посебни правила за новите членки наишла на значителен интерес, вклучително и во ЕК.
„Ваквите правила би можеле, на пример, да обезбедат посилна условеност на владеењето на правото што би можело да го намали ризикот од демократско назадување. Исто така, би можело да има временско ограничување на правото на новите членки да стават вето на одлуките на ЕУ. Ова би можело да ги ублажи загриженостите на постојните членки за деструктивните новодојденци и со тоа да ја олесни ратификацијата“, оценува Лене.
Тој исто така смета дека постои значителна поддршка за гласање со мнозинство за проширувањето, место со консензус, но дека шансите да се оствари тоа не се добри.
„Неколку членки на ЕУ се многу неподготвени. Некои се грижат за ризикот да бидат надгласани за одлуките за проширување што директно ги засегаат. Други членки можеби ќе сакаат да ја зачуваат можноста да ги искористат одлуките за проширување за да добијат билатерални отстапки од одредени кандидати. Ова противење веројатно нема да биде надминато наскоро. Најмногу, се чини дека е можно умерено да се намали бројот на точки за вето. Гласањето со мнозинство во моментов се чини недостижно“, заклучува Лене.
Преземено од Независен