(ВИДЕО) Пере и Брејк: По секој животен нокаут, важно е повторно да влезеш во рингот

➡„Дента кога направив 45“ е и асоцијација, потсетување на минатото, на 'лудите млади години' и навестување на иднината. ➡Музиката ми е голем дел од мојот живот, затоа и бизнисите ми се во голем дел комплементарни на таа музика со која се бавам. ➡ Годините поминаа како на сон. Јас не го мерам времето во години, го мерам времето во песни коишто допринесуваат во самото општество, да ги спои луѓето, да влезе песната во срце, во чувствата кај луѓето. Така што секој човек тоа го доживува, па посебно за 30 години кариера. ➡Бев на еден ивент, каде што Тарабунов доаѓа и ми вели, „сега ќе ја испееме безвременската „Во бестрага“, и тоа стварно ме радува. Убаво е да оставиш добар материјал позади себе. Да те памтат по убаво. ➡Сме поминале и добро и лошо за овие години кариера, и мислам дека јачината кај човекот е да останеш присебен, и да ги издржиш сите удари. И покрај секој нокаут повторно да станеш и повторно да влезеш во рингот. ➡Кај нас во Македонија е тежок секој бизнис, затоа што сме мал пазар, недоволно моќен. Јас молам Бога да дојде денот кога ние ќе се споиме барем малку со ЕУ. Автоматски пазарот сериозно се зголемува, велат во разговор за „Трилинг“ Пере и Брејк.

„’Дента кога направив 45′ е и асоцијација, потсетување на минатото, на ‘лудите млади години’ и навестување на иднината. И двете работи се опфаќаат. Значи и иднината и она што сме го поминале. Тоа е текст којшто го проаѓа човекот за 45 години, оној период којшто поминува низ сите можни проблематики и созревање на животот“, изјави во „Трилинг“, Никола Перевски – Пере, говорејќи за заедничката песна со Дарко Гелев – Брејк „Дента кога направив 45“.

Фото: Трилинг / Никола Перевски – Пере

Прашан на што го асоцира 1 мај, и каде најмногу се пронаоѓа, во бизнисот, песната… Брејк вели дека 1 мај е ден на работниците, а најмногу се пронаоѓа од онаму каде што дента срцето го носи.

„Плановите ми се секогаш темелни. Плановите како и во секој бизнис мора да бидат издржани. Музиката ми е голем дел од мојот живот, затоа и бизнисите ми се во голем дел комплементарни на таа музика со која се бавам, но сакам и некакви авантури, затоа што ако човек почувствува дека е способен и може, има енергија, има добра екипа, каква што имам, јас сум горд што стои зад мене и сите мои луди идеи“, вели Брејк и додава дека бизнисот за него е нешто мора да се работи.

Фото: Трилинг / Дарко Гелев – Брејк

„Сакам да живеам убаво и ако сака човек да живее убаво мора да работи барем на повеќе полиња. Барем кај нас така е, а и да не речам и во светот. Создавам, творам на повеќе места и од повеќе места по малку, се задоволуваат сите можни критериуми. Музиката ми е големо опуштање. Музиката ми е еден вентил“, вели Брејк.

После 30 години со Нокаут на македонската музичка сцена, каде имало и подеми и падови, се менуваа и состави, Пере вели дека 30 години како 30 минути му поминале.

„Поминаа како на сон. Јас не го мерам времето во години, го мерам времето во песни коишто допринесуваат во самото општество, да ги спои луѓето, да влезе песната во срце, во чувствата кај луѓето. Така што секој човек тоа го доживува, па посебно за 30 години кариера.

-Нормални се тие работи, меѓутоа да бидеме континуирани е некако тешка задача за нас уметниците, посебно во една ваква мала држава кај што е многу мал пазарот, но се бориме храбро“, вели Пере и додава дека на две години имал пијано а во меѓувреме се занимавал и со спорт.

„Татко ми на 2 години ми купи пијано, а паралелно се занимавав и со спорт до 25 години. Професионално тренирав кошарка до свои 16-17 години. Прво за Работнички, малку и за МЗТ. Инаку паралелно одев и во нижо музичко училиште, па средно музичко, после тоа и факултет. Сега предавам музичка продукција на Универзитетот „Европа прима“ во Скопје“, вели Пере.

Фото: Трилинг / Дарко Гелев – Брејк / Никола Перевски – Пере

Прашан како го доживува податокот дека половина од влезниците за се распродадени, Пере вели дека тоа не е само концерт на Нокаут, тоа е всушност концерт на публиката.

„За сите овие 30 години оние коишто не прателе до сега, мислам дека вечерта заслужуваат да поминат убаво и да си го доживеат како свој концерт. И треба да дојдат, меѓутоа не по секоја цена. Оние коишто не сакаат, оние коишто не пратат сите овие години, мислам дека заеднички ќе си поминеме одлично“, вели Пере.

Осврнувајќи се на песната „Во бестрага“, Брејк вели дека на секој човек и на дневна база му доаѓа да каже „во бестрага“, и додава дека му се допаѓа што умот на Игор Џамбазов се преточи во песната на Пере и излезе страшно добар материјал, во кој што јас сум дел од таа песна.

„Таа безвременска. Сега скоро бев на еден ивент, каде што Тарабунов доаѓа и ми вели, „сега ќе ја испееме безвременската „Во бестрага“, и тоа стварно ме радува. Убаво е да оставиш добар материјал позади себе. Да те памтат по убаво. Јас велам – по 100 години нас ќе не нема, песните ќе останат, спотовите ќе останат. Затоа треба да се трудиме тој видео материјал што подобар, поубав да биде и некои правнуци мои ќе седнат и ќе кажат „еве го дедо ми“, вели Брејк.

Фото: Трилинг/ Дарко Гелев – Брејк / Никола Перевски – Пере

Прашани двајцата кои им се најтешките удари кои ги доживеале во животот, Пере вели дека доживеалл многу „нокаути“ во животот.

„Најтешкиот нокаут, тоа се емотивни моменти, е на мајка ми одјавата од овој живот. А постои и кога ќе ти забијат „нож во грб“. Јас бидејќи сум уметник многу ги примам работите при срце. Така што како и да е, сме поминале и добро и лошо за овие 30 години Нокаут кариера, и мислам дека јачината кај човекот е да останеш присебен, и да ги издржиш сите удари. И покрај секој нокаут повторно да станеш и повторно да влезеш во рингот“, вели Пере.

„Смртта на близок е најтешкото нешто што можеш да го доживееш, бидејќи нема враќање назад“, додава Брејк.

„Се радувам секој ден на здравјето, на среќата на моите деца, на моето семејство, на моите блиски, на пријателите, па дури и луѓе што не ме сакаат толку, им посакувам добро, им посакувам здравје да имаат. Секој има право на свое мислење. Супер се и тие хејтери, нека се живи и здрави. Така ќе го знаеме балансот – позитивен и негативен. Мене смртта на татко ми многу ме измести од колосек. Тој ми беше човек пример“, вели Брејк.

Прашан колку денеска се заработува од радијата, Брејк вели дека сите од тие три радија, каде што тој е главен кормилар, имаат фантастични тимови.

„Има луѓе од кои јас буквално зависам, затоа што бизнисот без нив нема да биде таков каков што е, а фала му на Бога е добар. Ние со широки раце ги пречекавме новите медиуми, новите платформи. Од првиот ден самите медиуми си имаат свои платформи, имаат социјални мрежи свои и се дел од целата приказна. Правиш чуда некогаш за да стигнеш до пари. Тешко е, но не велам само за радијата. За да стигнеш до финансиите осум круга ќе завртиш за да дојдат парите и да ги поделиш на вработените. Кај нас во Македонија е тежок секој бизнис, затоа што сме мал пазар, недоволно моќен. Јас молам Бога да дојде денот кога ние ќе се споиме барем малку со ЕУ. Автоматски пазарот сериозно се зголемува“, вели Брејк.

Разговорот со Пере и Брејк погледнете го во видеото.