Славе Ѓорѓо Димоски лауреат на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2023 година

Славе Ѓорѓо Димоски е авторот на поемата „Денес“, избрана како најдобра поема за наградата што секоја година ја доделува Националната установа – центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид.

Одлуката за изборот на најдобрата поема донесена е едногласно од страна на Комисијата составена од Милован Стефановски – претседател и членовите Елизабета Шелева и Иван Додовски.

Според соопштението од Комисијата, на конкурсот биле пријавени седум авторски дела, од кои во потесен круг покрај наградената уште влегла и поемата „Армагедон – големиот суден ден“, пријавена под шифра „Валтер“.

Општа оценка на Комисијата е дека квалитетот на дел од пријавените поеми не е на очекуваното ниво, особено имајќи ги предвид угледот на наградата и вредностите на некои наслови наградувани изминатите години.

Според членовите на Комисијата, наградената поема „Денес“ се издвоила од останатите пријавени ракописи, нудејќи „драгоцени созвучја со современоста, дискретно актуализирајќи повеќе топоси како, на пример, постхуманизам, масовен хазард, миграции и војна“.

„Поемата `Денес` донесува освежување на канонскиот модел на жанрот, избегнувајќи ги архаичните обрасци и реторика. Композициски, поемата содржи три дела, секој со три пеења, сите проникнати со фино дозирани наративни секвенци и јасна нишка на приказна. Еден свеж, урбан (понекогаш и жаргонски груб, неуфемистичен) лирски глас наизменично, како во контрапункт, ги поврзува општата и интимната состојба: врз фонот на глобалната криза се открива драмата на Тој и Таа, неможноста за дијалог, комплетната замрзнатост како внатрешна духовна состојба, но и потребата за допир и за светост (што се изразува низ неколку библиски референци). Во поглед на исказот, поемата се одликува со економичност, со сугестивни дискурзивни решенија и со критички себесоголувања, како и со луцидни гномски стихови, кои имаат ефект на сликовити егзистенцијални поенти…“ се посочува во образложението објавено од страна на Комисијата.

Наградата на лауреатот традиционално ќе му биде врачена во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ што се одржува на почетокот на февруари, кога се одбележува годишнината од смртта на големиот охридски и македонски поет и преродбеник.