Се уште е активен пожарот во тетовското село Фалише

Се уште е активен пожарот во магацинот со бои и лакови и друг вид хемикалии кај тетовско Фалише.

Иако со значително намален обем се уште има пламен и чад, а пожарникарите продолжуваат со гаснење, информираа изутринава од Центарот за управување со кризи.

Според ЦУК, тетовските пожарникари го гаснеле пожарот непрекинато во текот на целата ноќ и се очекува целосно да биде изгаснат во наредните неколу часа.

Пожарот избувна вчера во 10:30 часот, а во гаснењето беа вклучени и пожарникари од Куманово, Скопје, Гостивар и Велес.