САД: Речиси 43.000 луѓе загинаа во вооружени напади во 2023 година

Речиси 43.000 луѓе беа убиени во вооружени напади во Соединетите Американски Држави минатата година.

Евидентирани се 654 масовни престрелки.

Според Архивата за огнено насилство, веб-страница во САД која ги следи насилните смртни случаи и нивните причини, 42.888 Американци загинале во оружено насилство до 31 декември 2023 година. Тоа во просек изнесува околу 117 смртни случаи секој ден.

Речиси 1.700 жртви биле деца и тинејџери, од кои 1.381 на возраст меѓу 12 и 17 години кои починале од огнено оружје.

Меѓу жртвите имало и 295 деца, на возраст до 11 години.

Најсмртоносното пукање во 2023 година се случи во Левистон, Мејн на 25 октомври, кога вооружен маж отвори оган со снајперска пушка во куглана и локалниот бар, при што уби 18 луѓе, а рани 13.

По интензивна дводневна потрага, полицијата го пронашла напаѓачот мртов во блиската фабрика за рециклирање каде извршил самоубиство.

Масакрот во Мејн беше едно од најсмртоносните масовни престрелки во САД во последните децении, што го натера претседателот Џо Бајден да го повика Конгресот да донесе построги закони за оружје.

„Оружјето е број еден убиец на деца во Америка, повеќе од сообраќајните несреќи, повеќе од ракот, повеќе од која било друга болест“, рече американскиот претседател.

Најсмртоносните престрелки

Пукањето во Мејн беше најсмртоносното во 2023 година, но имаше уште неколку смртоносни масовни престрелки.

На 21 јануари, вооружен маж отвори оган на прослава на кинеската Нова година во Монтереј парк, Калифорнија, при што уби 11 лица, а рани девет. Полицијата му влегла во трага на осомничениот во комбето каде извршил самоубиство.

Стотици купувачи во трговскиот центар во предградието на Далас, Тексас побегнаа на 6 мај откако вооружен маж отвори оган, убивајќи осум, а рани седум други. Осомничениот бил застрелан и убиен од полицаец.

Во Енох, Јута, на 4 јануари, маж уби седум членови на семејството, вклучувајќи ја неговата сопруга, пет деца и неговата свекрва, пред да се самоубие. Полицијата соопшти дека осомничениот е под истрага за семејно насилство и дека неговата сопруга штотуку поднела барање за развод.

На крајот на март имаше и пукање во приватно училиште во Нешвил. Загинаа шест лица, тројца ученици и тројца возрасни. Осомничениот, кој бил поранешен ученик во училиштето, бил убиен од полицајци.

Бројките покажуваат дека во 2023 година, 1.438 луѓе биле смртно застрелани од полицијата, додека 50 полицајци биле убиени додека биле на должност.

Евидентирани се и 1.563 несреќни пукања и 673 инциденти на убиства и самоубиства.

Повеќето од смртните случаи се случиле во Тексас, Луизијана, Флорида, Џорџија, Јужна Каролина, Илиноис и Калифорнија.