Кампања на ВМРО-НП: Слушај македонска музика, одбрани го македонскиот идентитет

Слушај македонска музика, одбрани го македонскиот идентитет. Низ Скопје има билборди на ВМРО-Народна партија со ваква порака.

Инаку, ВМРО-Народна партија оваа кампања ја најави пред пет дена, односно на 28 декември минатата 2023 година, преку писмено соопштение до медиумите.

Во него е наведено дека македонската песна како еден од главните симболи на идентитетот на секој народ е комплетно истисната и елиминирана.

Од партијата на екс премиерот Љубчо Георгиевски се загрижени поради комплетната културна доминација на поранешниот југословенски простор.

„Затоа ВМРО-народна партија отпочнува со кампања ‘Слушај македонска музика – Одбрани го Македонскиот идентитет’ за да ги разбуди македонските елити кои се чувствуваат одговорни за македонскиот народ и конечно да направат нешто конкретно за спас на македонската песна односно симболот на македонскиот национален идентитет“, стои во соопштението на партијата.

Во многу македонски градови за дочек на Новата година и други поводи претходно настапуваа многу пејачи од државите од регионот.