Ивановска за видеото што го објави Груби: Снимката е стара, ама сепак покажува злоупотреба на институциите за лични или партиски цели

Досега неколку пати сме реагирале на ваквите случувања, кога во кабинет на одредена државна институција има злоупотреба за приватни или за партиски цели, рече денеска претседателката на Државна комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, за објавеното видео од првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, со кое тој на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук му го честита роденденот својот партиски лидер Али Ахмети.

„Остануваме на ставот дека не треба да се прават такви злоупотреби. Во овој случај нема да реагираме зашто се работи за старо видео. Но, доколку се работеше за нов случај секако дека соодветно ќе реагиравме. Но, ако и во иднина се повторуваат ваквите настани, значи институциите не постапиле или не постапуваат соодветно“ – посочи Ивановска.

На видеото се гледа како во весела атмосфера во кабинетот на Груби, Ахмети заедно со косовскиот пејач Илир Шаќири и во придружба на музичари со традиционални инструменти пее албанска патриотска песна.

Всушност, видеото со кое Груби му го честита роденденот на Ахмети најверојатно е снимено на 22 ноември 2022 година, пред свеченоста по повод Денот на албанската азбука.

Дел од него Груби има објавено во март 2023 година, како најава за митингот што ДУИ тогаш го одржа во Чаир.