Драганов: Ковачевски – Петков, преговарачки вештини или аматеризам?

Колумнистот на порталот „Трилинг“ – Мирослав Драганов со свое видување за денешната средба на бугарскиот премиер Кирил Петков со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски:

„Една бесплатна лекција за преговори што гледам дека нашиве слабо ја научиле овие 30 години, а сите други многу практично си ја применуваат.

Излегуваш малку надвор од рамката, проблематизираш онаму каде што е неспорно и глумиш лудило некое време демек ти смета, го креваш на ниво на важност како навистина да ти смета толку и си го тераш тој филм по принципот „1000 пати повторена лага станува вистина“.

Еден ден, кога ќе дојде клучен момент „правиш исконски напори“ за да попуштиш, но притоа задолжително барајќи другата страна исто така да попушти од нешто клучно за неа (а еве замисли си дека таа не била дорасната да го тера овој филм, па мора да попушти од нешто навистина и реално клучно за неа). И кој тука успева?

Два практични примери за оваа лекција:

  1. Измислуваш дека за тебе е единствено прифатливо соседната држава да се вика Централна Балканска Република на ниво на цел свет (бидејќи наводно сe’ што го содржи зборот Македонија е неприфатливо), а всушност имаш две најважни цели што сакаш да ги задржиш: а) да не признаеш дека некогаш си правел чистење/протерување и да немаш никакви последици по себе и б) да прикажеш на цел свет дека ти си единствен потомок на славната антика и никој друг.
  2. Измислуваш дека за тебе е проблематично користење на краткото име (претходно договорено со другиов) и тоа го проблематизираш и наместо една-две спорни точки наеднаш правиш 5+1 спорни точки, па секако до крајот на процесот ќе можеш „мачно да се откажеш од неколку“ (како на пример денеска од една) и со тоа ќе имаш основа да бараш и другата страна да се откаже од нешто „исто така“ важно за неа (а еве замисли си дека таа не била дорасната да го тера овој филм, па мора да попушти од нешто навистина и реално клучно за неа).

Заклучок: Пред 1991 година имавме само една неспорна работа – македонскиот јазик беше признаен на меѓународно ниво (1977). И еве, во моментот кога ќе влеземе во ЕУ (најрано 2035 година!), доколку останеме само со придобивка (победа!?) дека: македонскиот јазик е признаен на ниво на ЕУ, ќе прашам јавно: „Дали е тоа СЛАВНИОТ резултат на 44 години „преговори“?

Драги новинари, еве ви инспирација за подлабоки прашања со кои може да се види шумата, а не само денешните неколку дрвја што гледам дека само јаболка родиле…“ – пишува Драганов на Фејсбук.