Димитриеска Кочоска: Ние сме за членство во ЕУ, но не да влеземе со скршени раце, нозе, без достоинство!

„Во последните години имаме крах во економските политики, и се разбира погрешните национални политики и срамот што ни се случува се причини за протестот. Нашата цел е да имаме задоволни граѓани, и протестот е во интерес на граѓаните, се што Владата ќе слушне и ќе реагира позитивно – е успех. До сега ништо не прифатија од власта. Постојано дававме шанси, предлагавме, се се одби. Не очекувам дека ќе има промени во нивното однесување. На крај верувам дека ќе завршиме со предвремени парламентарни избори“ – вели Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во најновото издание на Трилинг.

Во врска со преговорите со официјална Софија, таа вели дека „однесувањето на Бугарија предизвикува фрустрација кај нашиот народ. Имам чувство дека се разговара меѓу две страни, но нашата Влада не укажува на грешките кои ги прави Бугарија. Ќе прифатиме дека Гоце Делчев е Бугарин и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот?. Не, нема да прифатиме. ВМРО-ДПМНЕ секогаш зборувало и е за членство во ЕУ, но тоа не значи дека треба да влеземе со скршени раце, нозе, без достоинство“.

За критиките дека ВМРО-ДПМНЕ рекетира компании Димитриеска Кочоска тврди дека тоа „се измислици, лаги, конструкции, со Христијан Мицкоски тоа не може да се случи, тоа нема врска со реалноста“.