Вучиќ: Не наседнувајте на провокации, имаме доволно бензин и храна!

Во Србија синоќа, слично како и во Македонија, на бензинските пумпи се створија редици, а тамошните медиуми јавија дека е зголемена и побарувачката за намирници во продавниците.

Владата на Србија објави дека „некој намерно шири паника и дека Србија нема проблеми со снабдувањето со деривати“.

Денеска по ова прашање се огласи и претседателот Александар Вучиќ, кој порача „да не се наседнува на провокации и дека ќе има доволно бензин и храна“.

Вучиќ на Инстаграм им се обрати на граѓаните на Србија и им порача дека Србија ќе ги зачува мирот и стабилноста, како и да не наседнуваат на „трикови, глупости и провокации кои велат дека немаме доволно нафта, нафтени деривати, дека се проверуваат засолништата и дека нема да има доволно храна“.

„Србија не е во никаква војна, ниту ќе биде. Ќе има доволно храна, доволно бензин, доволно се што ни треба во иднина“ – кажа Вучиќ.

Смета дека „нема потреба никаде да се брза, нема потреба да се бара нешто посебно, однесувајте се нормално како и секој втор ден, затоа што ќе го зачуваме мирот и ќе гледаме како забрзано ќе напредува српската економија“.