Ципрас: Да не беше Договорот од Преспа, на грчката северна граница ќе беа Турција и Русија

„Да не беше Договорот од Преспа, на северната граница Грција сега ќе ги имаше Русија и Турција, на север ќе имавме Либија“. Ова во интервју за грчка телевизија го изјави лидерот на СИРИЗА – Алексис Ципрас. Тој го повтори ставот дека со решението на спорот запрело влијанието на други земји.

„Замислете денес што ќе имавме на нашата северна граница, ако не го склучевме овој Договор. Не само што Грција немаше да биде таа која ќе има земја сојузник за да го надгледува воздушниот простор со грчките воени авиони, туку ќе ги имавме и Турција и Русија на нашата северна граница. Ова ќе го имавме. Ќе имавме Либија на нашата северна граница. И да видам колку ќе беше лесно да правиме потези во рамките на неопходното, па дури и прекумерни потези, ако ја имавме Русија на нашата северна граница“ – рече Ципрас.

Ципрас рече и дека додека тој бил премиер трипати бил во официјална посета на Русија, а рускиот претседател ја посетил Грција и постоел отворен дијалог со Москва.

„Кога грчките служби ми дадоа податоци дека постои интервенција во земјата од руски дипломати, бизнисмени или граѓани во врска со Договорот од Преспа за поттикнување протести во земјата, не се двоумев тогаш да ги протерам, да ги протераме овие граѓани и дипломатите. Потег, за кој тогаш Нова демократија, која денес не критикува, тогаш беше исклучително воздржана и ни велеше не ја мешајте надворешната политика, Русија е многу важна земја за да се судрите, нема врска со Договорот од Преспа“ – рече Ципрас.

Лидерот на СИРИЗА смета дека е „огромна грешка и несериозност на премиерот фактот што побрза со доставување воен материјал во Украина, а можеше да биде, не материјал за битка, туку за зајакнување на хуманитарната помош, на воените болници, било што друго“.