Вучиќ, Мицотакис, Рама, Ципрас, Брнз, Ќучук, Кривокaпиќ со пораки за сочувство за жртвите од несреќата во Бугарија

Српскиот претседателот, Александар Вучиќ упати телеграма со сочувство до претседателот Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев по повод тешката сообраќајна несреќа во која 46 луѓе ги загубија животите во Бугарија.

„Со неверување и тага ја примив страшната вест за трагичната смрт на патници во автобус во Бугарија. Не постојат зборови со кои може да се опише болката што ја споделуваме со граѓаните на вашата земја. Молчејќи пред оваа трагедија, упатуваме молитви за утеха до семејствата на жртвите и до целиот ваш братски народ. Србија и сега е со вас, подготвена да ја пружи сета потребна помош и поддршка, бидејќи не сте сами во оваа трагедија“ напиша Вучиќ.

Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ ја споделува огромна тага со премиерите и граѓаните на Северна Македонија и Бугарија.

„Затекнат сум од трагичната вест дека недалеку од Софија се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа најмалку 46 лица, главно граѓани на Северна Македонија. Споделувам неизмерна тага со премиерите и сите граѓани на двете пријателски земји“ – напиша Кривокапиќ на Твитер.

И албанскиот премиер Еди Рама изрази искрено и длабоко сочувство за настраданите во сообраќајната несреќа во која 46 лица.

„Нема зборови на утеха за трагедијата на автобусот од Северна Македонија во Бугарија, каде што животот го загубија речиси сите патници.Огромна болка“ напиша Рама на Фејсбук.

И грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изрази сочувство на Твитер.

„Апсолутно сум шокиран од страшната несреќа и загубата на животи во Бугарија рано утринава, особено на мали деца. Нашите молитви се упатени до семејствата на оние кои ги загубија животите. Брзо закрепнување на повредените“ – напиша Мицотакис.

Порака на социјалните мрежи испрати и лидерот на СИРИЗА и поранешен грчки премиер Алексис Ципрас.

„Потресени сме од трагичната несреќа во Бугарија во која загинаа десетици луѓе, меѓу кои и мали деца. Нашите мисли се со семејствата на жртвите. На повредените им посакува брзо закрепнување“ напиша Ципрас на Твитер.

Американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнз изрази сочувство за загинатите во автобуската несреќа.

„Од име на Американската амбасада, сакам да изразам најдлабоко сочувство на семејствата кои ги загубија своите најмили, и нашата поддршка за повредените, како и за оние на кои срцата им се скршија кога слушнаа за оваа трагична сообраќајна несреќа. Нашите мисли се со Вас во овие тешки времиња“ напиша Брнз на Твитер.

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук изрази сочувство по повод трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија.

„Прифатете го моето искрено сочувство за трагедијата што ги снајде граѓаните на Република Северна Македонија. Изразувам длабоко сочувство за болката и страдањето на роднините на настраданите и посакувам брзо закрепнување на повредените во оваа тешка катастрофа. Во мрачен ден како денешниот, нашите две земји споделуваат заедничка болка, покажуваат емпатија, што е својствено за соседни земји, како Република Бугарија и Република Северна Македонија. Во овој момент нашите мисли се со вас и жалиме за загубата во страшната несреќа“ се вели во пораката на Ќучук.