Заев и Јанев од Софија порачаа: Заедно сме, и во добро и во лошо

„Заедно сме и во добро и во лошо, ние сме први соседи, за мене братски народи и секојпат треба да се најдеме и помагаме. Оваа трагедија позитивно ќе се одрази на односите меѓу двете земји, затоа што си помагаме, институциите работат заедно. Ова е пораката на народите од двете страни – тука сме да си помогнеме кога е тешко и да ја споделиме радоста кога е добро“.

Ова денеска во Софија го изјави македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес-конференција со привремениот бугарски премиер, Стефан Јанев.

Заев изрази сочувство за загубата и посочи дека македонската Влада дополнително ќе одлучи за прогласување денови на жалост за нејзините 46 жртви во автобуската несреќа.

„Соработката е на високо ниво. Довербата во институциите едни со други е голема и така најдобро ќе им служиме на граѓаните кога ќе ги дадеме сите неопходни информации за несреќата и како се случила. За причините не би коментирал, затоа што треба експертите да ги кажат сите детали, зашто само така е исправно“ рече Заев.

Бугарскиот премиер Јанев посочи дека трагедиите се она што нè допира и прави луѓе и сочувствителни – без разлика од која националност се луѓето кои повеќе не се со нас.

„Денес е посебен ден, ден кој бугарскиот народ го одбележа со две сериозни трагедии. Ден одбележан со две тешки трагедии – синоќешниот инцидент во село Ројак, каде загинаа девет бугарски државјани. Трагедијата се уште се истражува. Истражните органи мора да си ја завршат работата. Неколку часа подоцна, нова трагедија го одбележа денешниот ден“ – рече Јанев.

Јанев истакна дека бугарските и македонските власти работат во координација.