Бектеши: Од 21 јануари ЕСМ го презема управувањето со БЕГ и Скопје Север

Од 21 јануари ЕСМ ќе го преземе управувањето со БЕГ и Скопје Север за што претходно на седница одлука ќе донесе Владата, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

„Ние не субвенционираме приватни фирми и затоа  е донесена одлука од страна на ЕСМ, која е фирма во 100 процентна сопственост на државата, да се преземе управувањето со БЕГ. Во пресрет на корисниците ќе излеземе преку ЕСМ, а не преку БЕГ, како што беше претходно најавено, имајќи предвид дека не се вклучија општините и Градот Скопје за да помогнат во оваа ситуација. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците“ – рече Бектеши.

За тоа колку пари ќе бидат неопходни за да се надмине кризата во снабдувањето со топлинска енергија во Скопје, министерот рече дека калкулациите за неопходните 6 милиони евра за надминување на состојбата се направени врз основа на берзанските цени на природниот гас за јануари.

„Сега ги очекуваме понудите за февруари и март и согласно тие проекции и постојната формула на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и ЕСМ ќе се направат соодветните калкулации. Од 21 јануари натаму се до денот до кога ќе управува ЕСМ со БЕГ и Скопје Север тоа ќе биде обврска на ЕСМ да ги води сите постапки и да ги надмирува сите обврски, но истовремено и да бара од нивна страна испорачување на тоа што е договорено. Немаме намера да ги преземеме обврските што ги имаат до 21 јануари, а од 21 натаму кога ЕСМ ќе управува со снабдувањето, дистрибуцијата и производството на топлинска енергија согласно договорот, кој во четврток треба да се потврди на седница на Владата, ќе си ги преземе обврските“ – рече Бектеши.