Атанасоски: Преговори со ЕУ сега се невозможна мисија

За преговори со ЕУ сега потребен е издржан договор со Бугарија, спротивно може да се соочиме со блокадата во текот на преговорите со ЕУ, вели политикологот Благојче Атанасоски Според него, шансите наскоро да почнат преговорите со ЕУ се речиси никакви. Решението со Бугарија го гледам во најавениот нов пристап кој го најави премиерот Кирил Петков, смета Атанасоски.

Трилинг: Формирана е новата бугарска Влада. Бугарскиот премиер Кирил Петков најави нов пристап во преговорите со Скопје. Што според Вас е главен камен на сопнување и каде го гледате решението?

Атанасоски: После три децении повеќепартиска демократија кај нашиот источен сосед, Бугарите добиваат четирипартитна влада, по третите по ред парламентарни избори оваа година. Веднаш, аналитичарите таму, го поставија прашањето за долгорочноста на опстанокот на овој владин состав, бидејќи политичката  (не)култура кај нашиот источен сосед, не дозволува компромиси помеѓу различните интересни групи/политички формации претставени во владиниот состав. Тоа можеби ќе биде еден од главните камења на сопнување за „брзо, излезно решение“, бидејќи освен победниците „Продолжуваме со промената“ предводени од идниот премиер Кирил Петков и Асен Василев, во новата Влада ќе партиципираат и Бугарската социјалистичка партија, предводена од Корнелија Нинова, која зазеде тврд и ригиден став по однос на „македонското прашање“ и партијата „Има Таков Народ“ на шоуменот Слави Трифонов кој е познат по неговите саркастично-омаловажувачки ставови на се што е македонско. Особено што најверојатно идниот министер за надворешни работи ќе доаѓа токму од неговата партија.

Сепак решението го гледам во предлогот на премиерот Петков, дека треба да се формираат паралелно на историската, комисии во областа на инфраструктурата, стопанството, енергетиката, образованието и културата, односно да се работи на подобрување на сегментите во суштинско битните работи кои не тангираат како две соседни држави и општества, а не целата енергија да ја трошиме само и само за историски прашања и да останеме заробени и заглавени во буквална и преносна смисла во 11-тиот век. Разводнувајќи ја хистеризирачката тема за историско-националните и јазично-идентитетските прашања со теми од другите области, ќе биде многу полесно да се подготват двете општества за компромис кој ќе биде претставен пред граѓаните како „win-win“ ситуација, и конечно ние ќе ги почнеме европристапните преговори кои ги чекаме повеќе од петнаесеттина години. Се друго е катастрофа и погубно за нас, за нив, но и за ЕУ како асоцијација.

Трилинг: Какви се шансите до крајот на годинава или до средината на јануари Северна да ги почне преговорите со ЕУ?

Атанасоски: Шансите за почеток на преговорите во декември, но и јануари се минимални, да не речам никакви, но тоа не е суштинско важно кое треба да не оптоварува и загрижува. Односно, многу е битно да постигнеме квалитативен договор со кој ќе ги уредиме односите на долг децениски рок во духот на европското поимање и разбирање на добрососедските односи, и Македонија ќе може непречено да го чекори својот европски пат. Што ќе ни вреди сега ако ги започнеме преговорите, ако за некоја година, некои нови националистички влади во Скопје и Софија  пак ги испроблематизираат односите и наново официјална Софија не блокира. Тогаш уште повеќе ќе се зголемат проблемите и фрустрациите. Важен е сеопфатен договор кој ќе гарантира целосна долгорочна нормализација на односите.

Трилинг: Дали македонската страна спорот со Софија го користи како алиби за внатрешните проблеми – справување со корупцијата, владеењето на правото, реформи во судството…?

Атанасоски: За жал во овие три децении се покажа дека нашите политички елити немаат внатрешен капацитет да ги испорачаат толку ветуваните реформи во однос на професионализација на судско-обвинителскиот систем, администрацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, подигнување на животниот стандард, и затоа почетокот на пристапните преговори со ЕУ ни е насушен „како леб“. Се друго е ветер и магла, фрлање на прав во очите на граѓаните, бидејќи наизменично се сменија и левицата и десницата во овие триесет години и резултатите се и повеќе од поразителни и катастрофални на сите полиња во сегментите погоренабројани. На кратко: не сме државнокапацитетни да се реформираме сами од себе и тоа си го докажавме, односно ЕУ е потребна како тутор над нашите глави за да ја направиме европската трансформација на општеството.

Трилинг: Ако не ги почне преговорите со ЕУ се чини дека ќе падне во вода и тезата дека парламентарно мнозинство се зголеми, а владината коалиција се прошири бидејќи главен интерес и приоритет им е стартот на преговорите со ЕУ?

Атанасоски: Ова зголемување на парламентарното мнозинство е во насока на деблокада на ветото и конечно ставање на европските шини на земјата, односно отворање на нова страница во нашето европско досие. Владата има мандат уште две и пол години, и сметам дека треба докрај да го истера токму во таа насока и за таа највисока цел, да ги отвори поглавјата, да го трасира европскиот интегративен пат на Македонија и македонските граѓани, и во зависност од исходот на идните парламентарни избори или да го продолжи тој пат доколку наново ја добие довербата од граѓаните, или пак да и остави во наследство такво европско досие на идната влада која ќе треба да го продолжи тој европски (дис)курс.