
Јорданскиот крал Абдула Втори во посета на Австралија
Јорданскиот крал Абдула Втори денеска пристигна во Австралија во дводневна официјална посета, чија цел е зајакнување на билатералната соработка во одбраната, регионалната безбедност и трговијата.
Јорданскиот крал Абдула Втори денеска пристигна во Австралија во дводневна официјална посета, чија цел е зајакнување на билатералната соработка во одбраната, регионалната безбедност и трговијата.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе се очекува да го пречека кралот во Канбера, каде што се предвидени и средби со генералната гувернерка Сем Мостин, како и со високи владини и парламентарни претставници, објави јорданската државна новинска агенција Петра.
Првата посетата на јорданскиот крал на Австралија по десет години ќе опфати активности поврзани со одбраната и културната соработка, соопшти во понеделникот кабинетот на австралискиот премиер.
„Во време на зголемена неизвесност во светот, континуираната одбранбена и безбедносна соработка меѓу Австралија и Јордан е од суштинско значење за партнерите во регионалната безбедност“, изјави Албанезе.
Двете земји настојуваат да ја зајакнат соработката и во хуманитарната помош, борбата против тероризмот, енергетиката и прашањата поврзани со животната средина.
Австралија и Јордан воспоставија дипломатски односи во 1975 година, а минатата година одбележаа 50 години од воспоставувањето на дипломатските врски. Двете земји учествуваат во меѓународната коалиција против ИСИС (Даеш), како и во Процесот Акаба, иницијатива за безбедносна соработка предводена од Јордан, наведува австралиското Министерство за надворешни работи и трговија.
Вкупната трговска размена на стоки и услуги меѓу двете земји во финансиската 2024/2025 година изнесувала 348,7 милиони австралиски долари (242 милиони американски долари). Од нив, австралискиот извоз достигнал 217,2 милиони австралиски долари, а увозот 131,5 милиони. Меѓу главните производи со кои се тргува се месото и ѓубривата, според податоците на австралиската амбасада во Аман.