Црна Гора: „Нашиот пат кон ЕУ води преку Загреб“

Во моментот кога Европската унија почна да го пишува договорот за пристапување на Црна Гора владата во Подгорица реши драматично да го спушти тонот во односите кон Хрватска и да разговара за барањата на Загреб кои стојат како пречка за членството на земјата во Унијата.

Во моментот кога Европската унија почна да го пишува договорот за пристапување на Црна Гора владата во Подгорица реши драматично да го спушти тонот во односите кон Хрватска и да разговара за барањата на Загреб кои стојат како пречка за членството на земјата во Унијата.

Црна Гора е целосно свесна дека нејзиниот пат кон ЕУ води и низ Загреб и е подготвена да ги реши отворените прашања со Хрватска во најдобар интерес на двете земји и нивната заедничка иднина, изјави министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ, како што објавија црногорските медиуми во понеделникот.

„Целосно свесна дека нашиот пат кон Европската унија, меѓу другото, води и низ Загреб, официјална Подгорица континуирано ја покажува својата подготвеност, во најдобар интерес на двете земји и нивната заедничка иднина, да ги реши сите прашања што ги оптоваруваат нашите односи“, напиша Ибрахимовиќ на Икс.

Тој нагласи дека е апсолутно посветен на ова откако ја презеде функцијата министер за надворешни работи на Црна Гора, со целосна поддршка од премиерот и колегите.

Ибрахимовиќ во објавата потсети дека Црна Гора се соочува со проблеми со Хрватска кои се отворени со децении.

„Оваа генерација политичари во Црна Гора – иако не е одговорна за нивното појавување – има обврска успешно да ги реши, така што двете соседни и сојузнички држави ќе ги градат своите односи на здрави темели и ќе бидат целосно ориентирани кон иднината“.

Во последните месеци, Црна Гора и Хрватска го интензивираа дијалогот за отворените билатерални прашања, вклучувајќи го статусот на училишниот брод „Јадран“, прашањето за надомест на штета на поранешните затвореници од војната во 1990-те, како и спорот околу називот на градскиот базен во Котор, кој го носи името на Зоран Гопчевиќ, за кого се тврди дека бил чувар во логорот Морињ.

Во овој контекст, црногорската влада формираше комисија за регулирање на односите со Хрватска во врска со статусот на училишниот брод „Јадран“, додека Хрватска формираше слична комисија во декември 2025 година. Задачата на овие тела е да водат дијалог и да подготвуваат предлози за решавање на отворени прашања што ги оптоваруваат односите меѓу двете држави.