Министерката за финансии Димитриеска Кочоска доби награда за остварена буџетска заштеда од 3,2 милиони евра

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Истанбул прими меѓународна награда „Liability Management Deal of the Year“ за 2026 година, за трансакцијата поврзана со издавањето на десеттата еврообврзница и предвремениот откуп на дел од постојниот државен долг.

Според Министерството за финансии, со оваа операција е остварена буџетска заштеда од 3,2 милиони евра. Признанието било доделено во рамки на настанот „Global Banking & Markets: CEE, Central Asia & Türkiye 2026“.

Десеттата еврообврзница беше издадена во јануари 2026 година, а во процесот учествувале повеќе од 150 меѓународни инвеститори, меѓу кои пензиски фондови, осигурителни компании и други институционални инвеститори од САД, Велика Британија и земји од Европската Унија.

Од Министерството наведуваат дека трансакцијата овозможила поповолни услови за финансирање, порамномерно распоредување на доспевањето на обврските и намалување на ризикот од рефинансирање.

„Преку внимателно структурирање на трансакцијата обезбедивме конкретна буџетска заштеда од 3,2 милиони евра“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Наградите „Global Banking & Markets“ се доделуваат од 2014 година, а критериумите за избор ги опфаќаат големината и структурата на финансиските трансакции, роковите, условите за финансирање и нивната реализација на меѓународните пазари на капитал.