Пациентите предупредуваат: Комисија не смее да одлучува кој ќе биде опериран

Реакцијата следува по изјавите на министерот за здравство Азир Алиу, кој најави ревизија на протоколите за лекување и формирање Национален тим составен од девет члена – шест од јавните и тројца од приватните здравствени установи.

Здружението на кардиоваскуларни пациенти остро реагира на најавите на Министерството за здравство за воведување национална листа за кардиолошки операции и формирање стручен тим што ќе ги разгледува сложените случаи, оценувајќи дека ваквиот модел може повторно да создаде административни пречки и неизвесност за пациентите.

Реакцијата следува по изјавите на министерот за здравство Азир Алиу, кој најави ревизија на протоколите за лекување и формирање Национален тим составен од девет члена – шест од јавните и тројца од приватните здравствени установи.

„Нашата цел е овој процес да заврши со нови системски правила и нови механизми за контрола за поголема сигурност на пациентите. Отпочнуваме со процесот на ревидирање на протоколите за постапување со пациентите“, изјави Алиу.

Според министерот, тимот ќе се состанува редовно и ќе ги разгледува сложените и граничните случаи кога е потребна дополнителна стручна проценка.

Тој најави и формирање национална листа за кардиолошки операции, со цел подобра контрола и увид во интервенциите, нивната оправданост и редоследот на упатување.

„Итните случаи и натаму ќе бидат приоритет“, рече Алиу.

Од здружението на кардиоваскуларни пациенти сметаат дека ваквиот пристап може да доведе до одложување на интервенциите и ограничување на правата на пациентите.

„Како кардиоваскуларни пациенти и директно засегнати од квалитетот, достапноста и навременоста на кардиоваскуларните услуги во државата, јавно предупредуваме дека последните најави за формирање комисија или стручно тело кое ќе одредува кој, каде и кога ќе се оперира, претставуваат сериозен чекор назад во заштитата на правата на пациентите“, наведуваат од здружението.

Оттаму посочуваат дека стручниот надзор и контролата се неопходни, но не и модел во кој комисија ќе ја презема одлуката од пациентот и лекарот.

„Во кардиоваскуларната медицина времето често значи живот. Секое непотребно чекање, секое дополнително одобрување и секоја административна пречка може да има непоправливи последици“, предупредуваат пациентите.

Во реакцијата тие потсетуваат и на искуства од минатото, кога, според нив, слични комисии носеле субјективни и нетранспарентни одлуки.

Од здружението бараат Министерството за здравство да воспостави транспарентен систем на контрола и отчетност, без ограничување на правото на избор на пациентите и лекарите.