Обвинителството бара осуда – одбраната ослободување на екс претседателката на Антикорупциска, Димитровска
Обвинителството во завршните зборови за предметот во кој е обвинета поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, побара Судот како отежнителна околност да ја цени нејзината функција во времето на извршување на делата, оценувајќи дека во текот на постапката биле докажани и двете кривични дела што ѝ се ставаат на товар. По изнесувањето на завршните зборови, Судот ја закажа објавата на пресудата за 14 јули годинава во 13 часот.
Обвинителството во завршните зборови за предметот во кој е обвинета поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, побара Судот како отежнителна околност да ја цени нејзината функција во времето на извршување на делата, оценувајќи дека во текот на постапката биле докажани и двете кривични дела што ѝ се ставаат на товар. По изнесувањето на завршните зборови, Судот ја закажа објавата на пресудата за 14 јули годинава во 13 часот.
Обвинителката Наташа Поп Трајкова денеска изјави дека обвинетата ги сторила делата како претседател на институција чија основна задача е заштита на јавниот интерес и спречување на корупцијата.
-Обвинителството смета дека ги докажа и двете кривични дела сторени од страна на обвинетата. Како отежнителна околност е тоа што истата овие дела ги сторила како претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата – истакна Поп Трајкова.
Во однос на обвинението за компјутерски фалсификат поврзано со добивањето безбедносен сертификат, обвинителката посочи дека ваквото постапување претставува закана за системот на издавање сертификати за пристап до класифицирани информации.
– Обвинителството смета дека со ваквото постапување се нарушува целиот систем на добивање безбедносни сертификати, особено имајќи ја предвид сензитивноста на класифицираните информации, како и фактот дека државата е членка на НАТО и институцијата што ги издава сертификатите мора да постапува согласно правилата и начелата што ги воспоставува НАТО- рече Поп Трајкова.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто Обвинителството смета дека делата биле сторени со умисла, таа нагласи дека особено за делото оддавање службена тајна умислата произлегува од материјалните и вербалните докази изведени во текот на судскиот процес.
Според неа, од екстрахираните пораки презентирани како доказ произлегува дека обвинетата била свесна за доверливоста на информациите што ги споделувала со Небојша Стојановиќ.
– Особено индикативни се неколку пораки во кои таа му наведува „Ова е доверливо и не го споделувај со никој“. Изведовме и пораки во кои обвинетата знае и е свесна дека овие податоци претставуваат службена тајна. Свесноста и умислата произлегуваат и од формата во која податоците биле доставени – рече обвинителката.
Таа додаде дека во текот на постапката било утврдено оти податоците не биле јавно достапни во формата во која биле споделувани.
– Се наметнува прашањето зошто Небојша Стојановиќ би ги барал овие информации од тогашниот претседател на ДКСК ако тие биле јавни. Ако биле јавни, секој, па и тој самиот, би можел да дојде до нив – посочи Поп Трајкова.
Одбраната, пак, оцени дека во завршните зборови на Обвинителството не биле презентирани аргументи што би го поткрепиле постоењето на кривичните дела за кои се гони обвинетата.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ по денешното рочиште изјави дека завршниот збор на јавниот обвинител повеќе се темелел на етички отколку на кривично-правни аспекти на случајот.
– Денеска го слушнавме завршниот збор на јавниот обвинител. Слушнавме повеќе или помалку едно театрално излагање кое ја допре суштината, а суштината беше анализа на етичките правила и етичкиот кодекс. Не беше понудено ништо што во законска смисла значи припишување инкриминација и постоење на кривичните дела за кои е обвинет мојот клиент – истакна Туфегџиќ.
Тој додаде дека очекува Судот да донесе, како што рече, праведна и правилна одлука.
– Сметам дека Судот ќе донесе праведна одлука, правилна одлука, за нас ослободителна пресуда секако, и тоа го очекуваме во терминот кога е закажано изрекувањето на пресудата – рече Туфегџиќ.
Бранителот на обвинетиот Миле Столевски, пак, оцени дека Обвинителството не успеало да го докаже кривичното дело компјутерски фалсификат што му се става на товар на неговиот клиент.
Образложувајќи ја споредбата што ја направи во завршниот збор со користење платежни картички и внесување туѓи податоци, адвокатот посочи дека целта била на сликовит начин да ја доближи правната проблематика до секојдневниот живот.
– Таква е споредбата затоа што наоѓа аналогија во секојдневниот живот. Поентата на секое законско регулирање на која било материја е не да го отежни, туку да го олесни животот на граѓаните и да го стави во одредени рамки и ред. Обвинителството направи обид дејствијата на обвинетиот да ги подведе под кривичното дело компјутерски фалсификат. Токму затоа ги дадов тие примери, бидејќи во спротивно многу наши сограѓани би можеле во иднина да паднат под опфат на тоа кривично дело, иако законот не ги предвидува на таков начин – изјави бранителот на Столевски.
На прашањето дали смета дека Обвинителството не го докажало делото што му се става на товар на Столевски, адвокатот рече дека завршниот збор на Обвинителството бил повеќе насочен кон реторика отколку кон правни аргументи.
– Доколку човек се труди да даде објективна оцена и за самиот завршен збор, би кажал дека за првпат, барем во мојата кариера, Обвинителството го правеше она што вообичаено е задача на одбраната. Денеска Обвинителството најмалку зборуваше за право, а повеќе беше театар во однос на завршниот збор, изјави тој.
Бранителката на обвинетата Билјана Петровска-Мантева, адвокатката Надица Фундукли, во изјава по завршните зборови оцени дека во текот на постапката не бил презентиран ниту еден решителен доказ што надвор од разумно сомневање би ја потврдил вината на нејзината клиентка за кривичното дело оддавање службена тајна.
– На денешната главна расправа, а особено преку завршните зборови и на Јавното обвинителство и на одбраната, сметам дека објективно не постои ниту еден решителен доказ на товар на обвинетата дека го сторила кривичното дело оддавање службена тајна надвор од разумно сомневање – изјави Фундукли.