Димитриевски за Изборниот законик: Многу подобро е да донесете нешто, отколку да не донесете ништо

„Многу подобро е да се донесе нешто, отколку да не се донесе ништо“, порача претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање во Штип дали наскоро може да се очекува усвојување на нов Изборен законик.

„Многу подобро е да се донесе нешто, отколку да не се донесе ништо“, порача претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање во Штип дали наскоро може да се очекува усвојување на нов Изборен законик.

Тој истакна дека за ЗНАМ не е спорно правото на гласање на граѓаните кои живеат или привремено работат во странство.

„За нас како ЗНАМ, воопшто не е спорно гласањето на нашите граѓани кои живеат или работат привремено во странство, бидејќи тоа право им е загарантирано со Устав. Потребно е само да се најде соодветен модел за тие да можат да го остварат тоа право. Зборувам за парламентарни и претседателски избори“, изјави Димитриевски.

Во однос на локалните избори, тој нагласи дека партијата не поддржува гласање на лица кои имаат резидентен статус во други држави.

Осврнувајќи се на предлогот Македонија да биде една изборна единица, Димитриевски рече дека ЗНАМ целосно го поддржува.

„Како мал и нов политички субјект, апсолутно го поддржуваме предлогот за една изборна единица. Доколку е прифатлив и за останатите политички партии, ние ќе го поддржиме“, рече тој.

На прашањето дали очекува политички консензус за новиот Изборен законик, Димитриевски оцени дека исходот зависи од сите политички чинители.

„Не можам однапред да кажам дали ќе има договор, бидејќи процесот не зависи само од ЗНАМ, туку од сите политички субјекти. Изненаден сум што оние кои најгласно бараа измени на Изборниот законик, денес повеќе ги гледаме на најлуксузните летувалишта во регионот, од каде испраќаат политички пораки дека не се согласуваат со предложените решенија и го блокираат процесот“, изјави Димитриевски.