Сања Божиновска: ЕСМ е одговорен за енергетската хаварија – можни се санкции поради кражбата на струја

„РЕК Битола произведува повеќе од 70% од енергијата во Македонија, и потребни се соодветни ремонти, оддржување се со цел да имаме континуирано и стабилно производство на електрична енергија“ вели Божиновска

„Струја има, ако имате многу пари да ја купите. Таа е скапа, но последиците од енергетската криза и падот на призводството се многу поскапи. Владата е неодговорна, а раководството на ЕСМ е нестручно и непрофесионално во менаџирањето со недостигот на струја и инвестициите во нови енергетски капацитети. МЕПСО ќе биде санкциониран поради кражбата на струја од европската енергетска мрежа. На пролет се очекува стабилизација на цената на енергијата“.

Ова се дел од проценките на Сања Божиновска – енергетски експерт и консултат која во моментов работи надвор од државата. Божиновска во ексклузивно интервју за порталот „Трилинг“ вели дека државата не купила јаглен 11 месеци, а сега најавува дека допрва ќе одлучува од кого да купиме.

„Би сакала да видам како ќе изгледа транспортот на тој јаглен (500–1.000 камиони дневно) во декември ако падне снег на Плетвар“ коментира Божиновска.

Трилинг: Дали на европските берзи има струја, по која цена и дали таа и натаму ќе биде непредвидлива со вртоглав пораст?

Божиновска: Сегашните осцилации на цени се одраз на повеќе фактори меѓу кои спаѓаат геополитичките односи за Нордстрим 2, недоволно ветер во северна Европа во период кога Германија ја прифати зелената транзиција, порастот на ЦО2 сертификатите, цената на нафтата… Сите овие фактори имаат влијание на цената на електричната енергија и мислам дека енормниот пораст трае подолг временски период. Многу е тешко да се предвидат сите фактори (на пример после Фукушима во 2011-та Германија решава да ја исфрли нуклеарната енергија и многу централи се затвораат што тогаш исто предизвика големи осцилации на берзите). Најрелевантна берза за Македонија е унгарската берза – HUPX, и нејзината ликвидност е голема. Секако сите берзански продукти зависат од побарувачката и понудата, меѓутоа на дневно ниво може да се следат количините кои се тргуваат. Да напоменам дека на берзата може да се купува ден однапред струја, и останати продукти (недела, месец, квартал и година). Моментално цената во Унгарија за следната година 2022. е 126,78 Евра за МВч, за декември е 195,33 Евра за МВч и за првиот квартал во 2022 ( јануари до март 2022) е 180,76 Евра за МВч. Исто така, берзи на електрична енергија има во Бугарија, Романија, Србија, Грција, Словенија, Хрватска и најликвидната секако во Германија. Да сумирам – струја има, само прашање е цената, а ако нема некои политички осцилации, некоја хаварија (и доколку односите со Русија се во ред) не би требало да имаме вртоглав пораст на струјата, како сегашните.

Трилинг: Дали е на повидок нов енергетски конфликт, како пред две децении со наглиот пораст на нафтата?

Божиновска: Овие неколку месеци цените се неколкупати зголемени и тоа ќе влијае на инфлацијата, на конечните цени на останатите продукти меѓутоа сите очекување се дека на пролет ситуацијата ќе биде стабилна. Мое мислење е дека нема допрва да има енергетски конфликт, но нема да се вратат цените од претходните години, и нема да се троцифрени.

Трилинг: Велат на лето се купуваат дрва. Ние среде зима бараме јаглен, а и залихите за ТЕЦ се доведени до затворање на термоцентралите?

Божиновска: Енергетиката е област која што долгорочно се планира и за која што мора да се надлежни професионални тимови. РЕК Битола произведува повеќе од 70% од енергијата во Македонија, и потребни се соодветни ремонти, оддржување се со цел да имаме континуирано и стабилно производство на електрична енергија. Мора да се планира и секогаш да се има план А и план Б. Не можам да поверувам дека на прагот на зимата сме со резерви на јаглен за неколку дена. Тоа е крајно неодговорно, непрофесионално однесување и негрижа за националните ресурси, а воедно и загрозување на целокупниот енергетски систем во Македонија. Македонија е дел од европското семејство на електрична енергија и бидејќи тој систем функционира како врзани садови, ако има проблем односно дебаланс, тоа ќе го наруши целиот европски систем. Ние не сме купиле јаглен 11 месеци и сега допрва ќе одлучуваме од кого да купиме. Би сакала да видам како ќе изгледа транспортот на тој јаглен (500–1.000 камиони дневно) во декември ако падне снег на Плетвар.

ЕСМ Е ГЛАВЕН ВИНОВНИК ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

Трилинг: Ниту јаглен има, недостига и доволно нафта за ТЕЦ Неготино. Каде згреши менаџментот во сферата на проиизводство и набавка на струја?

Божиновска: ТЕЦ Неготино последно давал енергија во системот во 2012 година. Не сум запознаена дали нешто е правено сите овие години бидејќи е ладна резерва и дали воопшто може да проработи. Дали има количини на мазут кои мора да се чуваат според закон е исто така дискутабилно. Менаџментот премногу згреши, ЕСМ продаваше струја, хидропотенцијалот никогаш пред прагот на зимата не бил на ваков минимум, денес не работат 3 блока, и недозволено преземаме енергија од ЕНТСО, не знам каде не згреши менаџментот. Како општествено одговорна компанија, енергетскиот биланс се прави однапред, потрошувачката во Македонија се знае, производните капацитети се знаат и што треба да се набави за да граѓаните имаат електрична енергија. На пролет струјата е најефтина, ако имавме одговорни луѓе можевме да имаме план, ќе купевме струја и немаше да сме доведени во оваа ситуација како денес. Секако тоа важи и за јагленот. Грешки има премногу!

Трилинг: Во енергетската стратегија на МАНУ до 2040. година се предвидува затворање на два блока од ТЕЦ Битола, под кои услови и кој би ја компензирал нивната важност за минимум енергетска независност?

Божиновска: Многу убаво звучи енергија од обновливи избори, еколошка чиста средина, енергија од вода, ветер и сонце, секој би го посакал тоа. Меѓутоа, ајде да бидеме реални. Што е изградено во Македонија од државата од времето на Југославија? Ветерниот парк Богданци, одлично, но тоа е само 36 Мв. Се изградија мини хидроцентрали кои добиваат од државата субвенционирани цени, и фотоволтаични централи исто кои добиваат фидинг тарифи од државата. Во извештајот за 2020. година од Регулаторна комисија на РМ исплатени се 981.361.180 денари (без ДДВ) за мали хидроцентрали, за фотонапонски централи 294.351.129 денари (без ДДВ), за термоцентрали на биогас 636.257.144 денари (без ДДВ) и вкупно 2.554.473.932 денари за енергија од обновливи избори. Ова се пари кога постои РЕК Битола и кога 73% добиваме енергија од РЕК. Би сакала да видам врз основа на што владата се согласи на ова зелено сценарио. Исто така многу важна работа која не е финансиски поврзана е фактот што сите обновливи избори се поврзани со природата, но Македонија ќе мора да има базна енергија која ќе ја балансира оваа енергија (изградбата на Чебрен), така да за Македонија да се затворат блоковите на РЕК Битола треба сериозен план, изградба на голем енергетски комплекс и многу пари.

ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ЈА ПЛАТАТ ЦЕНАТА

Трилинг: Зошто Северна Македонија се најде во незавидна енергетска ситуација? Кој ќе ја плати цената?

Божиновска: Државата се најде во оваа ситуација поради нестручно и непрофесионално работење во енергетскиот сектор. До пред неколку месеци сите читавме, не пофалиле дека сме шампиони, ние сме најдобри и законите ни се усогласени со ЕУ. Дали ако немавме избори јавноста ќе беше известена бар неколку недели порано за вистинската ситуација. Како е можно со месеци фирмите да имаат дебаланс кон МЕПСО и фактурите да стигаат после 45 дена од месецот на испорака во ваков случај кога МЕПСО е пред колапс? Само за споредба во Србија и во Бугарија, вакво нешто не може да се случи, таму се следат отстапувањата на дневно ниво и се штитат интересите на државата првенствено, што за жал тоа кај нас не е случај.
Во Македонија имаме префрлување на одговорноста од една на друга институција. Како е можно фирма што е опомената од Регулаторна комисија да отвори нова фирма со слично име на иста адреса и ист управител и да се каже таков е законот. Па кој ги донесува законите? Како може фирма да има банкарска гаранција од една сума, и да во текот на месецот прави дебаланс за 600% од дадената гаранција и ништо да не се презема?
Само за информација, платите и надоместоците за плати во 2020. во регулаторната агенција се 45.780.100 денари, репрезентација 1.188.960 денари, дневници 739.317 денари.

САНКЦИИ ПОРАДИ НЕЛЕГАЛНО ПРЕЗЕМАЊЕ НА СТРУЈА

Трилинг: Дали треба да се субвенционираат компаниите и домаќинствата за премостување на енергетската криза?

Божиновска: Се уште не знаеме колку ќе поскапи цената на струјата во 2022, меѓутоа тоа е реалноста. Мислам дека Владата ќе мора да интервенира со ваучери или слични финансиски олеснувања/субвенции за да можат граѓаните од најранливите категории да преживеат, а секако и останатите. Имавме кампањи за инвертори и сега луѓето ќе треба да се загрижени како да ја преживеат зимата и со што ќе си ги платат сметките. Што се однесува до фирмите, многу од нив добија еднострани раскинувања на договорите, дали е тоа според правилата за снабдување? Како фирмите беа заштитени? Тие ќе прокнижат големи загуби и мора да добијат некои субвенции.

Трилинг: Дали упадите на МЕПСО се дозволени во енергетскиот систем и какви консеквенции и казни ќе следуваат:

Божиновска: Во пракса, само ако во некоја држава има хаварија или испад, може да се повлече енергија од европскиот систем, но во ниеден случај овој систем не смее и не може да служи за балансирање на некоја држава. Ненајавеното преземање струја од преносната мрежа е нон-сенс. Не верувам дека други држави би помислиле на ова. Кај нас се применуваше со недели, а ние веќе влегуваме во втор месец. Последици ќе има сигурно, ќе се знаат после првата фактура бидејќи сигурно ова не е практика во ЕНТСО и ќе мора да се разгледува оваа ситуација.
Мислам дека ЕНТСО допрва размислува за санкции кон МЕПСО, па и државата. Дали ќе бидат само финансиски или поинакви, времето ќе покаже. Меѓутоа, мора да престанеме да „крадеме“ струја од меѓународната преносна мрежа. Високи се пеналите, секако со висок коефициент индексиран на ХУПЕКС.

Подобро е да купиме струја – нема да плаќаме толку и нема да ги прекршуваме правилата на ЕНТСО и да го нарушиме нашиот углед во европското семејство на систем оператори.
ЕНТСО е европскиот систем на систем оператори со 35 држави членки и 42 систем – оператори и е одговорен за безбедноста на интерконекциите на европско ниво и оптимално функционирање и развој на европските пазари на електрична енергија. Вредностите на ЕНТСО е и преку системот на солидарност на сите систем оператори споени со заедничка одговорност, но според строги процедури и финансиски договори, особено кога се презема вишокот струја во меѓународната преносна мрежа.

Трилинг: Пред две години се прогнозираше ценовен шок на енергенсите, па сепак ТЕЦ Битола и Осломеј не беа техничко-технолошки репарирани за работа во вонредни околности, ниту па се создаваа залихи на јаглен?

Божиновска: Ниеден енергетски објект не е репариран, ниту е извршена сулфуризација на РЕК Битола, ниту е почнато со изградба на фотоволтаици во Осломеј и слични спомнати проекти. Залихи видовме дека нема, а веќе треба да знаеме што не очекува до пролет. Имавме многу проекти, планирања на хартија, но во реалноста енергетиката во Северна Македонија стагнира, да не кажам назадува.

Трилинг: Експерти велат дека е последен час да се стимулира заштитата на енергијата преку изградба на енергетски одржливи градби?

Божиновска: Тоа е трендот во Европа, енергетски оддржливи објекти, исто така ставање на панели на домовите. Исто така и ставање панели на училишта, градинки и други јавни површини. Постојат многу можности, има донации од Европска Унија, така што треба да се фокусираме на овие можности што поскоро, и секако да се адаптираат легислативите за да имаме функционални модели, а не да имаме административни препреки.

Трилинг: Дали во Северна Макеоднија функционира енергетска мафија ?

Божиновска: Не верувам дека постои енергетска мафија. Слична ситуација последен пат имавме во јануари 2017-та кога многу држави ги затворија границите (енергетски). Можеби има тендери во 4 очи за механизација, транспорт и слично што кога тогаш ќе се провери и ќе знаеме кој што превезувал, кој вршел ископ, транспорт и слични логистички услуги. Може да профитираат трговците со струја со сегашните продажби, меѓутоа во вакви моменти никој не може да се подготви однапред. Немаме анализи и постапки за вакви шокови и да знаеме што ќе се случи, колку енергија и е потребна на Македонија, знаејќи дека струјата е продукт што не се складира.

Горазд Чомовски