Определеноста на неопределените

Како се пристапува кон некој проблем, така проблемот ќе биде и третиран. Каков ќе биде исходот, дали проблемот ќе биде решен или ќе биде продлабочен до краен пораз, зависи пред се’ од креаторот на проблемот. Од оној што ја имал моќта тој проблем и да го создаде. Дали ја има моќта и да го реши, зависи од неговата свест за постоењето на проблемот. Дали е воопшто свесен, што е проблемот, како настанал и дали е тој решението на проблемот или причината за неговото настанување?

Така некако во моментов изгледа, состојбата во која се наоѓа власта. Неодамнешната, сегашна или идна, а особено најголемата партија во македонскиот блок, но секако онаа структура која ја има моќта, влијанието и егзекутивата. Кога, ако воопшто, се ослободи од „гневот кон неопределените”, можеби ќе ја започне анализата на состојбата во која се најдовме како држава, само две години, после решавањето на најсложениот, најдолготраен надворешен проблем, спорот со Грција. Кога се чинеше дека тоа е тригерот кој ќе го ослободи просторот и дискурсот за реформа на свеста и умот, која е вистинската, а не официјалната пречка за нормална и функционална  држава, се случи обратното, решението послужи само како параван за суштинска и иманентна непроменливост во разбирањето што е тоа држава, што е тоа политика, и каде е улогата, а не превласта на партијата.

Како главна парадигма, во целиот тој процес на преиспитување се наметнаа „неопределените”. Речиси цела вина падна на нивен грб, со прилична леснотија на анатемисување и обвинување по сите основи. Таа комфорна патронизирачка позиција што ја завзема власта, во однос на одредување „кој е добар, а кој е лош” “кој е прогресивен, а кој е ретрограден” „кој е проевропски, а кој е против ЕУ”, во голема мерка, апсолутно неоправдано се прекрши, на она или оние што генерички се нарекуваат “неопределени”. Но, кои се всушност “неопределените”, кои се претворија во најголемото зло, за партијата/партиите деновиве, со тенденција тој примат да го задржат подолг период? И дали можеби поточно ќе биде прашањето, колку и дали „неопределените” се неопределени?

Генерализирањето е најголемата замка за секоја сериозна анализа. Ама, бидејќи тука отсуствува било каква, а не па сериозна анализа, генерализирањето е всушност параванот, зад кој се крие вистинскиот виновник: самата партија и нејзиното разбирање и практикување политика, принципот на права и обврски, но пред се дадената и превземената одговорност. Во ваква партократска држава, каде партијата себе си се поставува како централна оска, нормално (за неа) е да се става како репер, односно мерило за било која појава. Па, така всушност „неопределените” се прогласуваат за неопределени, само во однос на таа партија. Тоа ја дефинира нивната неопределеност. Нема тука многу простор, или си за едните или за другите. Ако не, ти си неопределен. Значи неодговорен, со очите на партијата. И тука настанува примарниот проблем, а тоа е апсолутната узурпација на целото општество, во кое никој нема слобода, без да добие соодветна квалификација да биде „неопределен”. Но, иронично, токму во таа потреба за апсолутна узурпација, доаѓа и најголемата слабост на таа пракса, односно одговорот на прашањето за неопределеноста, а тоа е “неопределеноста за таа/тие партии”.

Со други зборови, не се неопределените воопшто неопределени, туку напротив, тие се многу определени токму против таквиот систем на партократијата, која не ги исполнува елементарните критериуми на нормална, современа држава: функционален систем, владеење на правото, слобода на говор и мисла, и слобода за (не)определеност, тогаш кога некој ќе излезе надвор од своите надлежности и надвор од дадената доверба. Зошто партијата би имала поголема одговорност и право, да каже што е добро, а што лошо, да има став или да бара одговорност, во систем на парламентарна демократија, каде централната точка ја има граѓанинот? Па, целиот систем е дизајниран преку поделбата на властите, да се обезбеди претставување токму на тие граѓани, кои ја делегираат власта, но истовремено и ја спроведуваат и контролата. Нивната неопределеност, во моменти кога треба да се делегира власта, е предмет на најголема загриженост, а не предмет на најголема осуда. Затоа што тоа е знак за целосна нефункционалност на системот, односно целосно отсуство на доверба. Тоа е знак дека никогаш, перцепцијата и грижата за неа не може да биде поважна од суштинската функционалност.

Ако се вратиме на почетокот на проблемот, кој се чини уште долго ќе остане нерешен, се наметнува прашањето, а за што точно се виновни „неопределените”, кога во целосниот колапс на систем на делегирање на свои претставници, и отсуство на контрола над нив; во ситуација на свесно партизирање и узурпирање на систем кој треба да го овозможи токму тоа; во ситуација на целосна немоќ, свесно се откажуваат од личното и индивидуално делегирање и избирање, затоа што нема ништо погласно од молкот? А, молкот е индивидуален, на ист начин, како што тенденциозното и навредливо групирање во еден кош, на кој со презир се покажува со прст „неопределените”, се всушност илјадници индивидуалци, кои имаат илјадници различни мотиви, очекувања и права, кои решиле одговорно или неодговорно да ги практикуваат токму на тој начин. Дали всушност на тој начин тие ја демонстрирале својата јасна определеност: очај за нормално слободно, функционално општество со правила и принципи, ослободено од секакви импровизации и “глумење на  постапување”; општество кое партиите со години со индигнација и потсмев го присвојуваат до степен на негово обесмислување?

Затоа ова е проблем на целото општество, кое прилично гласно и јасно го адресираа „неопределените”. А, проблемот се чини дека се оние кои се обидуваат тој проблем и да го решат. На начин на кој вината секогаш ќе биде кај другите, само да го задржат приматот. На партократијата. Власта на партиите. Процесот почна, ќе трае толку долго колку што секој ќе свати дека има своја рамноправна улога. На крајот ќе се бира, помеѓу партијата и државата. Избор кој никогаш и не требаше да постои, доколку се разбра дека партијата е патот, ама граѓанинот е целта. Над се’ и пред се’. Колку побрзо тоа го разберат актуелните и идните партии толку подобро за нив, а и за сите нас.

Никица Корубин – м-р по археологија и историја на уметноста и поранешен пратеник