Еден приказ на едно време

Колумна на Мартин Стрезоски

Ова е многу повеќе од документирана работа на една филмска екипа. Ова е многу повеќе од архивска вредност. Ова е симбол на едно време, ова е сиже на една епоха, ова се 50 години во 30 минути. Ова е чиста апстракција за денешно поимање на работите, ова е испукан куршум кој никогаш нема да се врати назад во чаурата. Ова е само капка вода која држејќи ја цврсто во раката испарила од сопствената топлина на дланката.

Сиот тој професионализам, сета таа љубов, сета верба, секако сета надеж, но така е. И да, звучи како песна, звучи како евангелие, директно од сржта на безбожништвото.

Сета скромност, која е упадлива во око, начинот на разговарање и со соговорникот и со публиката, одговорноста за искажаниот збор, со сета свест дека некој ќе го чуе.

Таа чудно проткаена колегијалност, таа ведрина во погледот кон другиот, таа милост во дискретното себеспуштање и туѓото издигање.

Тоа толку присутно себепреиспитување. Тоа денес е симплифицирано и идиотизирано во еден термин – несигурност. Тоа е трагање по подобро, тоа е испитување на веќе направеното, тоа е визија за она што следи, но со задолжително прашање, каде ќе води, тоа е одговорност кон себе но пред се’ кон другиот, тоа е љубов кон другиот, но пред се’ кон себе, затоа што само ти остануваш во својата кожа и со својот товар до самиот крај.

Преиспитување што денес е толку неактуелно, до мера на непосакувано. До мера да веќе се искоренува по разни обуки. Едноставно е, не функционира. Кажете на интервју за работа дека се преиспитувате и очекувајте брз и краток одговор. Тоа не е лидерство, тоа не е за овие нови времиња со нови потреби. Тоа не е адекватно за сега и тука.

Адекватно е да има 380 лидери во компанија со 390 вработени. Самит на G20 x 20 со адреса на ул. Даскал Камче бр. 550 Скопје.

Достоинство. Нешто што го имаш, но не е за потенцирање. Нешто што се препознава во една најобична прошетка, во едно пазарење во маркет, нешто што се чувствува во обично ракување.

Денес, тоа е маркетинг. Нов термин за нови времиња. Нови правила, за старата игра.

И сето ова би било еден носталигичен осврт на еден средовечен човек, некој логичен осврт, некоја тивка жал за младоста.

Но ова е поглед на човек со неполни 35, човек кој од Југославија фатил само војна за крај, кој од комунизам има само фотографии, а од социјализам – стари банкноти. Човек кој нема ни една објективна прчина да размислува и да се восхитува на тоа време.

Жал ми е што не разговараме веќе така, нормално. Да, жал ми е што не се дружиме така, нормално. Да, жал ми е што меѓу таа и оваа генерација како да се испречени 10 века. И да жал ми е што ние сме од предната страна на тие 10 века.

Секоја борба со новиот „талас‘’ е само тресење на едно масно ткиво обидувајќи се да се врати во форма.

Секој обид за нешто нормално е поблизок до „БАРДОВЦИ“ отколку до разумот на другиот. Секој напор за да се вратат работите во колосек е дочекан со бурни овации… и толку. И после секој обид, повторно во својата „мирна вода” па макар била и кал, макар личеле и на свињи, макар трпеле секојдневно понижувања и разочарувања. Ах таа пуста психологија каде што феноменот на „мирна вода’’ е посилен од било каква искра разум или парче нормалност или грутка нежност или атом човечност.

И затоа и понатаму пливаме во мирната вода додека не се случи бран отпуштања или додека не нѐ однесе сообраќајно цунами или додека не не’ исцеди некој ко крпа и не остане флека од вода, од мирната вода.

Секое завршување на оваа мисла ме тера да се чувствувам како недоискажан.

Ќе дојде и тој ден кога ќе има барикади на семафорите затоа што животите на луѓето се поважни од нивните ебани „леле брзам у гужва сум ќетебарам’’ и ќе дојде време кога возрасен човек веќе никогаш нема да стои во превоз затоа што тоа не е нормално и ќе дојде време кога музиката повторно ќе свири за сите а не само за оние кои ја плаќаат зашто ќе дојде некој и ќе ги плати да молчат. И ќе дојде време кога професорите ќе се авторитет посилен од родителот, зашто писменоста е второто мајчино млеко. И најпосле ќе дојде време каде што новите „таласи’’ нема да не спречуваат да сме старите добри луѓе.

Е може тогаш ќе се чувствувам доискажан.

Мартин Стрезоски

https://youtu.be/b-fMSlYLmms