Историскиот пораз на СДСМ на последните избори отвори многу прашања во рамките на самата партија и пошироката јавност.
Некои аналитичари тагуваат по пропаѓањето на неуспешниот либералален концепт на СДСМ и го прогласија за распаднат.
Либералното крило претставено преку Маричиќ, претходно Царовска и Шарените доживеаја комплетен пораз на јавната сцена и секако самата партија.
Други аналитичари, со право, го критикуваат претераниот либерализам во СДСМ, особено пропагирањето на еднополови бракови и разни обиди за редефиниции на називите на улогите на родителите, итн, итн.
Во основа ќе се согласите дека фактите покажуваат дека традицијата на СДСМ како наследник на КПМ не е либерална, а мнозинството македонски граѓани, секако и самата средина и Македонците и Албанците и другите се далеку од либерализмот како концепт, ова е конзервативно општество и средина.
Веројатно ќе се сетат од Либералната партија на Македонија, која што повеќе не постои дека своевремено во 2013 година и странците ги опоменаа да не усвојуваат Декларација за правата на ЛГБТ заедницата во услови на конзервативно општество, кога многу проминентни политичари и од конзервативни партии се геј и дека се токму тие кои што треба да се борат за правата на ЛГБТ заедницата.
Ќе се согласиме дека за сите љубители на либерализмот постои ЛДП, на пример.
Понатаму, ќе треба само да се запрашаме, колку гласови од контото на СДСМ „избрка“ коалициониот партнер, ДОМ, преку Морачанин со противењето да се изгласа законот за легализација на дивоградбите?!?! Треба да се има во предвид дека огромен број на домови се дивоградби во целата држава, на пример.
Сите се зачудивме зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ пред изборите го рехабилитираа токму Лазар Колишевски?!
Марјан Ѓорчев изјави дека Колишевски е најголемиот Македонец, според него, додека спротивно на тоа, цело време од ‘90 тите наваму СДСМ како да го крие од сопственото минато наследството на Колишевски. Секако дека покрај негативната негова улога има историски придонес и улога во формирањето на современата македонска држава и државност. Ќе се потсетиме дека улогата на Колишевски е историска од таму што покрај формирањето на основните институции како темелите на современата македонска држава, во неговото време како на пример формирањето на МАНУ, и возобновувањето на МПЦ! Секако ќе потенцирам дека самиот Колишевски беше многу свесен и не дозволи да заврши како Чаушеску.
А, историјата сакаше токму за време на владеењето на СДСМ, после зачленувањето во НАТО алијансата, МПЦ-ОА конечно да добие Томос и признавање на полната автокефалност по возобновувањето во 1967 година, да, за време на Колишевски.
Покрај тоа што по Уставот се одделени верските заедници и државата, сведоци сме дека цели 30 години, како и на овие избори дека и МПЦ-ОА и ИВЗ се мешаат во политиката, на последните избори на страна на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.
„Едно општество за сите“, кој секако беше многу прогресивен и напреден проект слободно може да го прогласиме за „умрено“!
Проектот беше директно спротивен, не само на уставот, кој што е се, само не е граѓански. Самиот проект „Едно општество за сите“ е директно спротивен и противречи и на наследството на СДСМ.
Иронично, крајот на истиот проект симболично го обележа враќањето на неуспешниот и корумпиран поранешен потпретседател на СДСМ, Мухамед Зеќири во ДУИ, кај „своите“
Кога сме кај корупцијата, ќе забележиме дека тоа е една од точките каде што крахираше целата политика на СДСМ и на овие избори, покрај наративот за „предавници“ за промената на името и обидот да се внесат Бугарите во Уставот и секако отстапките кон Албанците. Исто така странците ги сатанизираа СДСМ и со тоа помогнаа во изборниот колапс.
За да иронијата биде уште поголема и „капото“ на олигархијата и на темната транзиција, таткото на „октоподот“, поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски се дрзна да ги обвини СДСМ и ДУИ дека Македонија била корумпирана држава, каква комедија?!?!?
Добро е што Црвенковски што го замрзна членството и борбата токму против него и ЗНАМ ќе треба да биде еден од идните и основни постулати на реформите во СДСМ, доколку не се сака партијата да се распадне и да ја доживее судбината на ПАСОК, како што милуваат да кажат противниците.
Гласачите покажаа дека сакаат цврсти партии со национална реторика, горди, блиски до верските заедници, склони на популизам, клиентелизам и силна пропаганда.
На пример, немаше потреба Пендаровски се правда зошто дека не ангажирал странски ПР туку требаше да го ангажира најдобриот ПР тим, во услови кога целата медиумска машинерија на ДПМНЕ се води со странски контролирани медиум, наспроти „главниот“ на СДСМ за ПР, Забрчанец, кој што „живее во Холандија“.
Главното прашање сега за СДСМ е како да се „оправи“ од катастрофалниот пораз?!
СДСМ како голема партија веднаш ќе треба да се гордее со своето наследство да, продолжи онаму од каде што застана Бучковски, да ги прифати придобивките од влезот во НАТО, да се залага за европската иднина да расчисти со корумпираните политичари во своите, да се огради од штетните политики и корупцијата олицетворена во ликот и делото на Заев, Црвенковски и нивните соработници.
Креирањето на политиките на новиот, реформиран СДСМ секако треба да се случи со земање во предвид на реалноста и фактите како што се Преспанскиот и Рамковниот договор.
Само во случај на сериозни кадровски реформи и приближување кон народот СДСМ ќе успее да се врати од тешкиот пораз и да победи уште на наредните локални избори!