Руската агресија станува уривачка – одбрана на Украинците секој ден е мини епопеја за патриотизмот. Се соочуваме со најголемиот бегалски егзодус во срцето на Европа.
Една десетина од Украинците бараат спас од гранатите. Другите се на браникот на својата слободарска држава.
Адвокатот Александар Тортевски преку ФБ го понуди својот стан во охридски Пештани за бегалците од војната во Украина.
„Врз основа на трагедиите што ги гледам во Украина, моја човечка должност е да помогнам. Имам стан во Пештани, го ставам на располагање на едно семејство кое што е загрозено, битно ми е да бидат со деца, па дури не ми пречи ни милениче. Ќе му обезбедам на тоа семејство сместување, храна, се што им е потребно. За мене нема дилема кој е виновен – Путин е виновен. Мора што побрзо ова да престане и да се најде начин ова лудило да престане. Четири милиони луѓе живеат во нечовечки услови, наша должност е да помогнеме“ вели адвокатот Александар Тортевски во најновото издание на Трилинг.
Македонија ја покажа својата колективна и единечна солидарност со бегалците. Од Босна, па со прифатот на над 350.000 Албанци од Косово, со прием на Авганистанците пред налетот на талибанските власти.
Институциите се уште со тврдо толкување на законите – на нашинците и Украинците им бараат зелен картон за влез, каде им се пасошите, дали децата им се вакцинирани. Гостопримството е удобно кога е со широко отворени врати.