Средба на Османи со бугарскиот министер Стоев

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од утре ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Во рамките на министерскиот состанок, Османи ќе има одвоена билатерална средба со министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев.

Како што соопштија од МНР, Османи ќе учествува во дебатата „Дискусија за иднината на Европа – перспективи и придонеси од Западен Балкан“, а ќе има и средби со високи претставници на европските институции, меѓу кои и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи и Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина. Во програмата се предвидени и средби со високи официјални претставници на Европскиот парламент и европарламентарци, меѓу кои со копретседавачот со заедничкиот парламентарен комитет помеѓу ЕУ и Македонија, Андреас Шидер, со известувачот за земјава, Илхан Кјучук, како и со координаторот во АФЕТ, Михаел Галер.

„Клучна точка на разговорите ќе биде европското досие на Северна Македонија, регионалните случувања и политичките актуелности во државата. Фокусот на Османи ќе биде ставен на реафирмација на силната проевропска програма на Владата, определеноста за унапредување на добрососедските односи и продолжувањето на реформските процеси со ЕУ предзнак“, стои во соопштението од МНР.