Јас имам високо мислење за Груевски, неправедно е тоа што му се случи. Без разлика на се, не можам да дадам конкретни одговори, рече вечерва Никола Тодоров кој е поранешен министер на ВМРО-ДПМНЕ и шеф на изборен штаб, a гостуваше во „Трилинг“.
На прашањето дали Мицкоски може да ја консолидира ВМРО-ДПМНЕ тој смета дека партијата веќе е консолидирана.
ВМРО-ДПМНЕ е консолидирана. Она што уште повеќе се гледа е дека СДСМ е раштрафена. На овие избори ќе се натпреваруваат консолидираното ВМРО и целосно раштрафеното СДСМ. СДСМ во полоша позиција не биле никогаш во историјата, а тоа е страшна предност за ВМРО, започнува Тодоров.
Состојбата со промената на личните документи тој ја гледа како „колективен пораз“.
Гледате сега што се случува со патните исправи, ова е колективен пораз. Повеќе од половина милион луѓе се заглавени во државата, вклучувајќи ме мене и моето семејство. Ние за месец и пол, можеби два не можеме да функционираме нормално, вели Тодоров.
Тој даде краток коментар за Никола Груевски.
Јас имам високо мислење за Груевски, неправедно е тоа што му се случи. Без разлика на се, не можам да дадам конкретни одговори.
Тодоров оценува дека врз Никола Груевски и останати политички функционери од ВМРО-ДПМНЕ е извршен политички прогон.
За уставните измени Тодоров не смета дека е „бугарски диктат“.
Јас не сметам дека е бугарски диктат. Ние молиме да влеземе во тој клуб, а тој клуб поставува услови. Сигурен сум дека прашањето за уставни измени ќе стане прашање веднаш по изборите. Јас не знам каков ќе биде резултатот по следните избори во Европскиот парламент. Се плашам дека може да го пропуштиме последниот воз, вели Никола Тодоров.
Тодоров вели дека имаме направено премногу отстапки „точно е некој ќе каже дека направивме премногу отстапки“, но сепак дека треба да видиме што се случува и дали ова е последен воз.
Некој ќе мора да го реши тоа прашање. Без тоа не може да го продолжиме патот за ЕУ. Со тоа ризикуваме политичка нестабилност, вели тој.
Погледнете го интервјуто.