„Ме силуваше додека во собата имаше деца“: Потресно сведоштво на српска актерка

Српската актерка Милена Радуловиќ ја потресе јавноста пред две години, кога го пријави славниот драмски педагог Мирослав Мика Алексиќ за силување и за сексуално злоставување.

Пред Вишиот суд во Белград денеска продолжи сведочењето на актерката Милена Радуловиќ во случајот против Мирослав Алексиќ, сопственикот на актерската школа „Ствар срца“. За ова рочиште имало голем интерес и немало место за сите што сакале да бидат во публиката.

Радуловиќ денеска во продолжение на сведочењето во преполната судница, одговарајќи на прашања на бранителот на Мирослав Алексиќ, Зоран Јаковљевиќ, објаснила дека Алексиќ во својата канцеларија со прсти сексуално ја злоставувал во ноември 2012 година, пишува српски „Курир“.

Таа повторила дека ја злоставувал и силувал додека во друга соба имало други деца.

– Носев палто. Ме повика да влезам во канцеларија. Со поглед следеше сите деца да влезат во студиото и да почнат да го рецитираат Оче наш. Со едната рака ме зграпчи за тилот, со другата за задникот и го турна неговиот јазик во мојата уста. Се борев и се обидов да го оттурнам. Потоа пенетрираше со прстите во мојата вагина, прво со еден, па со два, па со три прста. Ме болеше. Беше груб, од болка се подигнав на прсти – рекла актерката во текот на потресното сведочење.

Инаку, и денешното судење се одвивало во тензична атмосфера, при што судијата повеќепати го опоменал бранителот на Алексиќ, пишува српски „Курир“.

Судењето било прекинато, а на крајот бил казнет со 100.000 динари, бидејќи во еден момент реагирала и самата Милена, додека стоела зад говорницата.

– Зошто ми се смее – реагирала актерката на смеењето на адвокатот Јаковљевиќ.

– На публиката. На една глумица во публиката нешто ѝ велам – одговорил Јаковљевиќ, кој претходно на некого од публиката му се обратил со зборовите „ќе глумиш и ти овде еден ден“.

– Адвокатот Зоран Јаковљевиќ се казнува со 100.000 динари за крајно непочитување на дисциплината, без разлика што повеќепати е опоменуван – рекол судијата Зоран Божовиќ и одредил 15-минутна пауза.