
По успесите во Токио, Каиро и Белград, „Сестра, брат и шахта“ на Манчевски денеска ја има македонската премиера
Новиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ денеска ќе ја има македонската премиера во Скопје. Филмот, добитник на Гран при во Токио и второ остварување во историјата на македонската кинематографија, по „Пред дождот“, што победило на фестивал од А категорија, првпат ќе биде прикажан пред македонската публика.
Новиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ денеска ќе ја има македонската премиера во Скопје. Филмот, добитник на Гран при во Токио и второ остварување во историјата на македонската кинематографија, по „Пред дождот“, што победило на фестивал од А категорија, првпат ќе биде прикажан пред македонската публика.

Гала-премиерата и црвениот килим се најавени во големата сала на Македонската филхармонија, како што беше случај и со последните три премиери на Манчевски.
– Македонски филм пред македонска публика. Да ја испочитуваме со мерак – изјавил режисерот Манчевски.
Пред публиката ќе се поклонат актерите и членовите на филмската екипа, меѓу кои и шест гости од Англија, Италија, Бугарија, Србија и Албанија. Присуството го потврдиле 24 странски амбасадори во Македонија, претставници на државниот врв, како и бројни видни граѓани.
За потребите на премиерата специјално и привремено е увезена опрема за кино-прикажување, соодветна на големата сала на Филхармонијата. Целиот настан е организиран и финансиран со приватни средства.
По главната награда во Токио, „Сестра, брат и шахта“ оствари успех и на фестивалите во Каиро и во Белград.
Бројни меѓународни критики и рецензии го опишуваат филмот како „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и опчинува“, со „врвна глума“.
„Сестра, брат и шахта“ е комедија за богати и сиромашни, лута сатира, но и суптилна психолошка студија за брат и сестра кои живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои кој, во неповторливиот стил на Милчо Манчевски, си поигрува со жанровските класификации, мамејќи и солзи и смеа. Иако дејството се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Ова е деветти долгометражен филм на Манчевски, а осми игран филм, снимен во истата година со документарецот „Добри луѓе“. Станува збор за редок куриозитет во светската кинематографија – автор во иста година да се појави со два филма пред меѓународната публика.
Покрај Агенцијата за филм, која го поддржа филмот по тригодишната блокада на Манчевски, за која тој наведува дека била незаконска, и по две судски одлуки во негова полза, филмот го помогнале и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.
Македонски компании и културни институции кои го поддржаа проектот, покрај Министерството за култура и туризам, се: Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка и Окта, како и Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Еурофарм, Македонија турист, Саманта, Мај принт, Македонска филхармонија, Македонскиот народен театар, Фонолукс, Хотел Арка и Види Вака.
Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева и Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукцијата, а директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката е Игор Василев Новоградска. Кастинг-директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Филмот е снимен со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медиа груп“ од Англија и „Тирана филм институт“ од Албанија.