
Апелацискиот суд Скопје ја објави пресудата и образложението за преполовена првостепeната затворска казна на велешанецот кој усмрти 11-годишно девојче во сообраќајна несреќа.
Од Апелација ја преиначија првостепената пресуда на Основниот суд во Велес и ја намалија затворската казна за возачот Ангелче Николов.
Наместо 18 години, колку што му одреди првостепниот суд ќе треба да издржи затворска казна од 8 години. Казната за Николов е намалена за двете дела за кои тој се товареше – тешки дела против безбедноста на луѓето и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Пресудата на скопска Апелација предизвика жестоки реакции и негодувања во јавноста поради драстичното намалување на казната.
Апелацискиот суд Скопје оценил дека првостепниот суд поголемо значење им дал на отежнителите околности при одредување на казната. Недоволно предвид биле земени олеснителните околности – дека ја признал вината и се извинил, како и семејните прилики на обвинетиот, односно дека е неженет, дека е млад, како и тоа што имал брат кој загинал во сообраќајна несреќа.
На почетокот на пресудата по наводот: Во името на граѓаните на Република Северна Македонија, е наведен петчлениот судечки совет на скопска Апелација, кој одлучувал по жалбите на обвинетиот Ангелче Николов и неговите бранители.
Меѓу петмината судии е и судијата Енвер Беџети.
Беџети се најде во фокусот на јавноста, обичната и стручната, откако како судија известил девет месеци го чуваше предметот за масовното прислушување, популарно наречен „Таргет-Тврдина“, а во кој првообвинет е екс директорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање. Откако конечно се најде на одлучување, Апелација ја укина првостепената пресуда со која Мијалков беше осуден на 12 години затвор и предметот го врати на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје, кое е во тек.