
ДУИ обвини дека во Воена академија не е примен ниту еден Албанец, од МО велат дека тоа се паушални тврдења
ДУИ обвини дека во Воената академија годинава не е примен ниту еден кадет-Албанец, што се случува по првпат од основањето на институцијата во 1995 година. Патем, од партијата обвинија дека ВЛЕН не успеала да обезбеди соодветна застапеност на Албанците во институциите.
ДУИ обвини дека во Воената академија годинава не е примен ниту еден кадет-Албанец, што се случува по првпат од основањето на институцијата во 1995 година. Патем, од партијата обвинија дека ВЛЕН не успеала да обезбеди соодветна застапеност на Албанците во институциите.
„Овој факт отвора сериозни прашања за улогата и влијанието на ВЛЕН во државните институции, каде што застапеноста на Албанците треба да биде не само декларативен принцип, туку и реалност во институционалното функционирање“, се вели во партиското соопштение.
Од Министерството за одбрана веднаш одговорија, велејќи дека на конкурсот за прием на 29 питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се пријавиле вкупно 99 кандидати, од кои 46 ги поминале критериумите за селекција.
Од вкупно пријавените кандидати, додаваат од МОН, двајца биле од албанска етничка припадност, еден Ром, еден Влав и 95 Македонци, при што едниот од двајцата кандидати од албанска етничка припадност се откажал од постапката, а другиот се пласирал на 43 место.
Министерството реагира на, како што наведува, популистички и паушални обвинувања од партија со етнички предзнак, оценувајќи дека тие водат кон меѓуетничка нетрпеливост наместо кон разумно прикажување на фактите.
„За да постои и се вреднува правичната и соодветна застапеност, потребно е граѓаните од соодветната етничка припадност да се пријават на јавните и транспарентни огласи за прием на питомци на Воената академија.
Истовремено, нема да отстапиме ниту од принципот во Армијата да бидат примени најдобрите од најдобрите затоа што станува збор за кадар што е задолжен со она што сите нам ни е најважно – безбедност на државата и сигурност на граѓаните“, се наведува во соопштението на МО.