
(ВИДЕО) Биљали Зендели: Ќе бараме политичка и кривична одговорност во случајот Алта банка
➡Секојдневно гледаме како таму пензионери, работници, претставници на мали бизниси треперат пред шалтерите или пред влезот на таа банка. Тоа покажува дека цената ја плаќаат граѓаните. Токму ова е тоа што најмногу не интригира да реагираме во врска со овој случај, знаејќи дека банкарскиот систем е во тесна врска со власта.➡Сета таа трансакција што се случи лани не можеше да се случи без одобрение, без дозвола од Владата и од највисокиот државен врв. Тука никој не може да ме убеди дека тоа купување и влегување на Алта банка не беше во согласност со политиките коишто ги има воспоставено оваа Влада, и не може никој да ме убеди дека тоа не е дел од таа оска Орбан - Вучиќ - Мицкоски.➡Во таа конкретна одговорност има конкретни луѓе коишто согласно правниот систем се во функција да решаваат, уживаат позиции, но треба да сносат одговорност. И претседателката на Комисијата за хартии во вредност, и Гувернерот, и Владата ВМРО-ДПМНЕ - ВРЕДИ, мислам дека треба да сносат одговорност за една ваква одлука којашто излезе дека е навистина штетна и за банкарскиот систем и за рејтингот на банкарскиот систем, бидејќи овој случај не ја засега само Алта банка, туку целиот банкарски систем. ➡Говорејќи за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, којшто различно се толкува, односно дали имаме прогрес во одредени области или не, Биљали Зендели вели дека за жал во Извештајот најзастапена е фразата „ограничен напредок“, или „нема напредок“.➡Осврнувајќи се на изборите во Брвеница, прашана дали таму победи демографијата, национализмот којшто доминираше во реториката или големото влијание кое што сѐ уште Али Ахмети го има меѓу електоратот, Биљали Зендели вели дека Али Ахмети има влијание врз електоратот, но не се согласува дека демографијата победи.
„Неисполнувањето на нашите барања не се однесува на нас како ДУИ, туку се однесува на граѓаните и на бизнисот, на оние кои што имаат вложено, имаат капитал во таа банка и секојдневно гледаме како таму пензионери, работници, претставници на мали бизниси треперат пред шалтерите или пред влезот на таа банка. Тоа покажува дека цената ја плаќаат граѓаните. Токму ова е тоа што најмногу не интригира да реагираме во врска со овој случај, знаејќи дека банкарскиот систем е во тесна врска со власта и тоа не е сега, тоа било отсекогаш.
-Случајот како Алта банка влезе во банкарскиот систем во Македонија е показател дека кога не може да се заснова нова банка, бидејќи тоа бара огромен паричен капитал, се случуваат вакви трансфери или вакви купопродажби. Значи некоја друга банка ќе купи некоја помала банка и така ќе го воспостави своето влијание и капитал со цел финансиски да придобие.
-Сета таа трансакција што се случи лани не можеше да се случи без одобрение, без дозвола од Владата и од највисокиот државен врв. Тука никој не може да ме убеди дека тоа купување и влегување на Алта банка не беше во согласност со политиките коишто ги има воспоставено оваа Влада, и не може никој да ме убеди дека тоа не е дел од таа оска Орбан – Вучиќ – Мицкоски. Од Орбан го имаме го имаме унгарскиот кредит, којшто исто така ќе го плаќаат граѓаните. Преку врската со Вучиќ е Алта банка. Пак најзасегнати се граѓаните, пензионерите работниците, малите, скромни штедачи и малиот бизнис. За иронија на судбината ни Орбан повеќе не е на власт, ни Вучиќ повеќе не е на власт. Ние останавме и со унгарскиот кредит, ние останавме и со Алта банка која што ќе бара една разврска, со цел да не гледаме луѓе, да не слушаме вести како луѓето треперат, чекаат, се надеваат, се молат да се отвори банката и да ги земат заштедите, платите, пензиите и тн.“, изјави потпретседателката на ДУИ Арта Биљали Зендели, говорејќи за тоа дали власта се одзвала на барањата на оваа партија да се одговори на прашањата поврзани со Алта банка.

Прашана дали мисли дека власта, па и Гувернерот Славески свесно влегле во овој аранжман со Вучиќ и банкарот Мацура, Биљали Зендели смета дека одговорноста за вакви ситуации не смее да биде апстрактна.
„Во таа конкретна одговорност има конкретни луѓе коишто согласно правниот систем се во функција да решаваат, уживаат позиции, но треба да сносат одговорност. И претседателката на Комисијата за хартии во вредност, и Гувернерот, и Владата ВМРО-ДПМНЕ – ВРЕДИ, мислам дека треба да сносат одговорност за една ваква одлука којашто излезе дека е навистина штетна и за банкарскиот систем и за рејтингот на банкарскиот систем, бидејќи овој случај не ја засега само Алта банка, туку целиот банкарски систем. Луѓето се двоумат да стават пари во банките. Луѓето ќе почнат да ги повлекуваат парите ако оваа криза уште малку се продлабочува.
-Јас ова го гледам како еден мал земјотрес, бидејќи во Србија одземена им е лиценцата за работа. Колку што знам и во Црна Гора им е одземена, во Македонија не им е одземена. Ова е еден мал земјотрес од којшто јас очекувам дека во иднина ќе излезат уште повеќе штетни и сомнителни зделки, за кои некој ќе треба да сноси одговорност“, смета Биљали Зендели.

Потпретседателката на ДУИ смета дека во ред е што се бара надзорна расправа, и се надевам дека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе стигнат до одреден компромис да одржат надзорна расправа.
„Но јас и како правник и како кривичар мислам дека надзорот за овој случај треба да оди надвор од надзорните расправи. Ние имаме судови, обвинителства, финансиска полиција коишто треба да проверат и да водат постапка“, вели Биљали Зендели.

Прашана дали ДУИ ќе бара политичка и кривична одговорност, потпретседателката на партија смета дека тоа треба да биде целта.
„Да. И политичка и кривична одговорност“, вели Биљали Зендели.
Говорејќи за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, којшто различно се толкува, односно дали имаме прогрес во одредени области или не, Биљали Зендели вели дека за жал во Извештајот најзастапена е фразата „ограничен напредок“, или „нема напредок“.
„’Добар напредок’ како што успеав да видам, за среќа, имаме во истражување и наука. ‘Одреден напредок’ во образование, и тоа е добар показател, но во клучните области како што се борбата против корупцијата и организираниот криминал не е забележан напредок и од целиот Извештај се гледа дека останува обврската за уставни измени, со цел отворање на кластерите со ЕУ. Оваа година во Извештајот е влезено и прашањето со бадентерот, во делот што се однесува на Собранието на Северна Македонија се спомнува и на почеток на воведниот дел како сумирање, и потоа во делот каде што се дава образложение се спомнува дека бадентер изостанува. Тоа ни го враќа прашањето на етничкиот легитимитет на оваа Влада, бидејќи од еден факт којшто ние постојано го потенциравме од почетокот на формирањето на оваа Влада, еве излезе дека влегува и во Извештајот на ЕК. Се надевам дека овој податок ќе служи и за идните влади да бидат претпазливи при формирањето на владата секогаш да имаат на ум дека треба да се почитуваат уставните начела, треба да се почитува Охридскиот договор и дека треба меѓусебно да се почитуваме, особено политичарите треба да ја почитуваат волјата на граѓаните, без разлика од етничката, верската, јазичната, социјалната припадност, што за жал во случајот на формирањето на оваа влада пред две и пол години не се направи, но нека служи како лекција за сите мандатари во иднина“, вели Биљали Зендели.

Осврнувајќи се на изборите во Брвеница, прашана дали таму победи демографијата, национализмот којшто доминираше во реториката или големото влијание кое што сѐ уште Али Ахмети го има меѓу електоратот, Биљали Зендели вели дека Али Ахмети има влијание врз електоратот, но не се согласува дека демографијата победи.
„Така би излегло дека демографијата ни се менува за една година. Лани немаше друга демографија во Брвеница. Оваа демографија беше, но не победи ДУИ. Јас мислам дека скокот од скоро 3000 гласови значи дека владата не работи како што треба и граѓаните ја препознаваат таа позиција којашто ја има владата кон меѓуетничките односи“, вели Биљали Зендели.
Целиот разговор погледнете го во видеото