Протести на Халкидики: Вознемирени што баровите ги заземаат плажите

Два протести се одржаа на Халкидики, Грција, каде учесниците го изразија своето незадоволство поради тоа што баровите заземаат премногу простор на плажите.

На плажите во Никита и Потидаја се одржаа протести, а демонстрантите извикуваа слогани и го изразија своето противење баровите да зафаќаат простор на плажите, јавува РТС.

Како што пренесува порталот voria.gr, по повикот на онлајн групата „Граѓанско движење за слободни и достапни плажи на Халкидики“, граѓаните протестираа на плажата во Никита минувајќи низ еден од локалите.

Нема повеќе самоволие, сега слушајте што вели Ситонија, секоја плажа ќе биде слободна“, е еден од паролите што ги извикуваа учесниците на протестот.

На Родос во јуни започна таканареченото „движење пешкир“ со создавањето на мрежата „Амбрела“ формирана од граѓани кои сакаа да укажат на мноштвото незаконски активности на плажите на тој грчки остров.

Движењето потоа се прошири на Парос, а потоа и на другите острови и плажи во туристичките области.