Касами е подготвен да коалицира со Меџити за промена на албанската политичка сцена

Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами очекува Изет Меџити да го формира новото политичко движење со кое Беса е подготвена да соработува. Касами вели дека конечно треба да се направи промена на албанската политичка сцена.

„Не само што сме отворени, туку продолжуваме интензивно да работиме со сите опозициски сили. Имаме добра комуникација со Изет Меџити и сметам дека во моментот кога ќе го формализира неговото движење ние ќе ја формализираме и соработката. Дозволете ми да упатам повик и до сите други структури, другите партии и поединци кои не се задоволни од другите партии, да се придружат на ова движење бидејќи дојде време кај Албанците да има ротација во власта и конечно Албанците да направат промена и да бидат достоинствено застапени во државните институции. Тоа што беше направено кај Македонците во 2016 година, мислам дека дојде време тоа да се случи и кај Албанците“, вели Биљал Касами.

Зборувајќи за обединувањето на албанската опозиција, потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми во Summer Click рече дека во Македонија има политички актери но единствен фактор е Али Ахмети.

„Кога сме кај постоечките опозициски партии, Беса и Алтернатива, јас би рекол дека има многу политички актери на политичката сцена во РСМ но Али Ахмети е еден и единствен фактор. Ова се процеси низ кои помина ДУИ. Станува збор за не така краток период туку период од 22 години“, посочи Арбр Адеми.

Изет Меџити најави дека на 13 август ќе формира нова партија. Во овој субјект нема да учествуваат и други членови од огнената група, како Муса Џафери, Блерим Беџети и Невзат Бејта кои одлучија да останат во ДУИ, со стремеж дека се уште има простор за внатрепартиска дебата за нивните незадоволства.